• недела, 22 декември 2024

Меѓу германските социјалдемократи расте притисокот Шолц да се повлече од трката за реизбор

Меѓу германските социјалдемократи расте притисокот Шолц да се повлече од трката за реизбор

Берлин, 18 ноември 2024 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц се соочува со зголемен притисок од сопствената Социјалдемократска партија „за да му го отвори патот на министерот за одбрана Борис Писториус да се кандидира за канцелар“, номиниран од партијата, на претстојните парламентарни избори, јави ДПА.

Џо Вајнгартен и Јоханес Арлт се првите пратеници од германската Социјалдемократска партија кои јавно го поддржаа Писториус, кој е значително попопуларен од Шолц во анкетите, да се кандидира за канцелар.

„Моето јасно мислење е дека треба да ја водиме изборната кампања со Борис Писториус“, изјави Вајнгартен за весникот „Зидојче цајтунг“.

Арлт, пак, за весникот „Тагешпигел“ изјави дека „Борис Писториус би бил одличен кандидат за канцелар на социјалдемократите“.

„Според мене, тој би бил идеален да ја води партијата во изборната кампања“, рече Арлт, додавајќи дека Писториус ја има „најкомплексната министерска функција“ и дека е способен „да им ги објаснува политичките одлуки на народот со едноставни и јасни зборови“.

Шолц ја објави својата намера повторно да се кандидира за функцијата во јули, неколку месеци пред колапсот на владејачката коалиција минатата недела, што ја постави земјата на пат кон предвремени избори, кои најверојатно ќе се одржат во февруари.

Канцеларот цврсто застана зад неговите планови. „ГСДП и јас сме подготвени да влеземе во оваа дебата, патем, со цел да победиме“, рече тој пред да полета синоќа за Бразил, каде што ќе се одржи самитот на Г20.

Раководството на партијата и Писториус го уверуваат Шолц за нивната поддршка.

„Олаф Шолц е канцелар. И секој кој е одговорен во ГСДП јасно стави до знаење во последните денови дека стоиме зад него“, рече во саботата копретседателот на ГСДП, Ларс Клингбејл.

„Имаме навистина исклучителен канцелар кој, во еден од најтешките моменти во историјата на републиката, ги презеде уздите во сложена констелација од три партии“, изјави Писториус за јавната телевизија А Ер Де, потврдувајќи ја својата поддршка за Шолц.

Писториус рече дека задачата сега е да се постигне добар резултат на изборите што се очекува да се одржат на 23 февруари: „Тоа е сè што е важно и сигурно нема да го постигнеме тоа ако почнеме да се расправаме за кандидатот за канцелар во наредните недели“, истакна Писториус.

Сепак, рејтингот на Шолц е под 20 проценти со недели и ГСДП моментално е зад конзервативниот блок во анкетите со 16-18 процентни поени. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан