• недела, 24 ноември 2024

Меѓуопштинскиот кризен штаб даде препораки за регионот на Гостивар

Меѓуопштинскиот кризен штаб даде препораки за регионот на Гостивар
Гостивар, 24 август 2021 (МИА) - Состојбата со пандемијата во гостиварскиот регион е сериозна, но под контрола. Оваа оценка е еден од заклучоците по одржаниот вонреден состанок на меѓуопштинскиот кризен штаб за регионот на Гостивар. На состанокот претставници на полициската станица, болницата и здравствен дом пренесоа информации од нивните ресори поврзани со состојбата. Во гостиварската општа болница, капацитетот за прием на пациенти е речиси исполнет и денес таму на лекување биле 103 пациенти со КОВИД-19, од кои 63 се на кислородна поддршка. Во установата се мобилизирани сите здравствени работници и засега нема потреба од дополнителен ангажман. Според податоците на здравствениот дом до денес се вакцинирани над 30.000 луѓе. По состанокот беше донесен заклучок што на прес-конференција го соопшти градоначалникот на општина Гостивар. - Според кажаното на состанокот донесовме заклучок со четири точки: Прва е оценката дека ситуацијата е сериозна, но под контрола. Второ, упатуваме апел до граѓаните да се придржуваат до препораките на институциите за примена на мерките за заштита. Трето е граѓаните да се вакцинираат, бидејќи тоа засега е најдобрата заштита, а последна четврта точка е дека локалната самоуправа ги става на располагање своите капацитети за организирање нови пунктови за вакцинација, изјави градоначалникот Арбен Таравари. Во трите гостиварски општини има над илјада лица со решенија за изолација и нив ги контролираат полициски службеници. згм/аа/

Остани поврзан