• четврток, 04 декември 2025

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на водачот на талибанците во Авганистан

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на водачот на талибанците во Авганистан

Хаг, 8 јули 2025 (МИА) – Меѓународниот кривичен суд денеска издаде налози за апсење на врховниот водач на авганистанските талибанци и претседателот на Врховниот суд на Авганистан поради прогон на жени и девојчиња.

Тие се обвинети и за прогон на „други лица кои не се согласуваат со политиката на талибанците за пол, родов идентитет или изразување, како и од политички причини против лица кои се перцепираат како сојузници на девојките и жените“.

Налозите за апсење се издадени против врховниот водач на талибанците, Хибатулах Ахунзада, и претседателот на Врховниот суд на Авганистан, Абдул Хаким Хакани.

Судот во соопштение наведе дека талибанците ги лишиле девојчињата и жените од правото на образование, приватност и семеен живот, и им ја укинале слободата на движење, изразување мислење и вероисповест.

Главниот обвинител на судот, Карим Кан, побара налози за апсење уште во јануари, кога изјави дека „авганистанските жени и девојчиња, како и ЛГБТ заедницата, се соочуваат со невидени, несовесни и континуирани прогони од страна на талибанците“.

Одлуката на МКС ја поздрави меѓународната невладина организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch).

Талибанците ја презедоа власта во август 2021 година, по распадот на домашните безбедносни сили и падот на владата на Авганистан, проследено со хаотично повлекување на силите на САД кои дотогаш беа таму. јт/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан