• петок, 22 ноември 2024

Меѓународниот кривичен суд го истражува порастот на непријателствата во Дарфур

Меѓународниот кривичен суд го истражува порастот на непријателствата во Дарфур

Њујорк, 14 јули 2023 (МИА) - Меѓународниот кривичен суд (МКС) го истражува зголемувањето на непријателствата во суданскиот регион Дарфур од средината на април, вклучувајќи извештаи за убиства, силувања и злосторства што ги погодуваат децата, изјави главниот обвинител пред Обединетите нации.

Редовната армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) се борат во главниот град Картум и други области на Судан во борба за власт што избувна во средината на април.

Повеќе од три милиони луѓе беа раселени, вклучително и над 700.000 кои избегаа во соседните земји.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш минатата недела изјави дека Судан, третата по големина африканска земја по површина, е на работ на граѓанска војна од целосен обем што може да го дестабилизира поширокиот регион.

„Канцеларијата може да потврди дека отворила истраги за инциденти што се случиле во контекст на тековните непријателства“, наведе канцеларијата на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан во извештајот до Советот за безбедност на ОН.

Обвинителите на МКС „внимателно ги следат извештаите за вонсудски убиства, палење домови и пазари и грабежи во Ал Генеина, Западен Дарфур, како и убиства и раселување на цивили во Северен Дарфур и други локации низ Дарфур“, се вели во извештајот.

Тие, исто така, истражуваат „наводи за сексуални и родово засновани злосторства, вклучително и масовно силување и наводни извештаи за насилство врз децата“.

Иако МКС во моментов не може да работи во Судан поради безбедносната ситуација, има намера да го стори тоа што е можно поскоро, се вели во извештајот. Според резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2005 година, неговата надлежност е ограничена на регионот Дарфур.

МКС има четири неизвршени налози за апсење поврзани со претходните борби во Дарфур помеѓу 2003 и 2008 година, вклучително и една против поранешниот судански претседател Омар ал-Башир под обвинение за геноцид. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан