• недела, 22 декември 2024

Меѓународниот ден на младите одбележан во Крива Паланка

Меѓународниот ден на младите одбележан во Крива Паланка
Крива Паланка, 12 август 2021 (МИА) - Во организација на Европската куќа Крива Паланка (EU House) со тркалезна маса на тема „Вклучи се-креираме заедничка иднина“ беше одбележан Меѓународниот ден на младите - 12 Август. Во фокусот на дискусијата беа локалните и регионални состојби со младите, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и сугестии и предлози за подобра иднина и подобра перспектива за сите.
На тркалезната маса се обратија претставници од Советот на млади од Крива Паланка и Кратово, од основните и средни училишта од Крива Паланка и Ранковце, од граѓански организации, спортски клубови, локални уметници и младински работници, како и тимот од Европската куќа во Крива Паланка.
- Темата на денешната дискусија беа младинските прашања и состојби во регионот, а целта е да се поттикне поголема вклученост на младите во општествените текови и во носењето одлуки на локално ниво. Ги отворивме прашањата за младинска вклученост, зелената агенда и одржлив развој, како и образовниот процес, достапноста и процесот на дигитализација наметнат од пандемијата, изјави Димитар Петровски од Европска куќа Крива Паланка.
Претседателот на Советот на млади Крива Паланка Александар Величковски рече дека овој е меѓу првите совети на млади формиран во државата пред донесувањето на законот.
- Имаме одлична соработка со институциите на локално ниво, присуствуваме на седниците на Советот на Општината и предлагаме точки на дневен ред, правиме напори за придвижување на работењето заедно со назначениот младински работник во локалната самоуправа. Фокусирани сме на младинско претприемништво и на покренување иницијатива за изградба на објекти за домување за кои предност на купување би имале младите, за да се осамостојуваат  што помлади. Во консултација со ФИТР во тек е иницијатива за поддршка на младите претприемачи, за што и веќе утре организираме дискусија со млади искусни претприемачи за споделување искуства. Во фаза сме на покренување предлог идеи за ослободување на спортската инфраструктура бесплатно на користење од страна на младите, рече Величковски.
И претседателот на Советот на млади од Кратово, но и претставниците од младинските и спортски организации едногласно потврдија дека апатијата кај младите луѓе преовладува и треба да се поттикнат на поголема вклученост и самоиницијативно здружување и покренување акции во заедницата. Она што беше воочено е дека потребно е младите да се обучат со меки вештини, преку работилници и останати неформални образовни програми, а беше истакната и можноста за учење и размена на искуства и информации преку достапните програми на ЕУ, како „Еразмус плус“ и „Е-твининг“.
Од тимот на Европската куќа Крива Паланка истакнаа дека токму оваа куќа е локален своевиден центар на гравитација на младите и е јадро околу кое отпочнаа да се движат и да бидат препознатливи иницијативи за младинска вклученост, со акцент дека младите мора час поскоро да се охрабрат да излезат од својата комфорна зона, да бараат решенија за проблемите и предизвиците што ги очекуваат, бидејќи секој човек вреди, а младите треба да го наследат светот подобар од нас, правејќи го уште подобар за идните генерации. ид/мд/

Остани поврзан