• недела, 22 декември 2024

Меѓународна конференција на младите во Крушево: Младите имаат желба за промена и да ги решаваат проблемите

Меѓународна конференција на младите во Крушево: Младите имаат желба за промена и да ги решаваат проблемите
Крушево, 30 септемви 2022 (МИА) - Со првата сесија насловена „Ретроспективи од Самитот во Солун до денес“ заврши првиот ден од 20-тата Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ што до недела се одржува во Крушево во организација на Младинскиот совет од Крушево. На конференцијата учествуваат млади од 24 земји и еминентни предавачи. Во двете сесии говорниците направија ретроспектива на процесот за проширување на Европската Унија, поточно што било направено и што било пропуштено во последниве 20 години. Беше оценето дека маратонот „европска интеграција“ изгледа тешко ќе стигне до целта, а сепак сѐ уште претставува вистинскиот избор и патека за регионот. Радмила Шекеринска, поранешна вицепремиерка за европски интеграции во Северна Република Македонија, посочи дека една од неколкуте точки кои треба да бидат дел од новиот пакет за проширување е работа на билатералните проблеми. -Билатералните проблеми го замрзнаа нашиот процес, поточно проблемот со Бугарија. Дополнително, сметам дека лимбо позицијата која ја има Европската Унија не е прифатлива повеќе. Тие треба да одлучат дали ќе ги елиминираат билатералните прашања кои влијаат на процесот, или пак доколку не можат да го направат тоа, тогаш треба да ги усвојат. Тоа значи дека Европската Унија ќе биде на масата додека ние преовараме. Бидејќи тие сега фрлаат огромна сенка на процесот и притоа официјалните претставници на ЕУ велат дека тоа не зависи од нив, смета Шекеринска. Поранешниот амбасадор Јован Теговски, национален координатор, шеф на делегацијата на Република Северна Македонија при ИХРА и специјален пратеник за антисемитизам кој посочи дека „од денешна перспектива, очекувањата кои ги имавме за Европската Унија беа превисоки и земјите не беа подготвени, а од друга страна, Европската Унија постојано поставува нови барања кои го одложуваат или блокираат процесот. -Дополнително, политичарите мора да им дадат значајна улога на младите во преговарачките процеси бидејќи на младите мора да се гледа како движечка сила во обликувањето на заедничката Европска иднина на регионот, смета Теговски. Ѕвездана Ковач, генерален секретар на „Европски покрет Србија“ истакна дека на младите од Западен Балкан им недостасува мудрост и единство. -Мудрост и единство ѝ недостасува и на Европската Унија, но сепак ние не сме исти. Ако наскоро не станеме членки на ЕУ, тогаш тоа ќе биде сериозен проблем, рече Ковач. Попладневната сесија на Конференцијата насловена  „Младите на фронтот - осврт кон младинската акција за вистинска промена“, имаше цел да ги отвори прашањата за начините на кои еволуираше младинската мобилизација во последните 20 години и за тоа како изгледа новото лидерство во контекстот што се појавува. Дискусијата се фокусираше на последните 20 години од Југоисточна Европа каде сите беа сведоци на повторното раѓање на популистичките и екстремно десничарските движења. Оттука, должноста на демократската и либерална младина е да се крене против овие тенденции кај своите врсници. Констатација беше дека младите, генерално, не учествуваат во јавниот живот и немаат доверба во државните институции и политичарите затоа што секогаш кога се гласни, се напаѓани. Но, младите луѓе имаа желба за промена и да бидат гласни за нивните проблеми. Конференцијата се одржува до недела кога ќе бидат изнесени и заклучоците и пораките на младите. ем/аа/

Остани поврзан