• петок, 05 декември 2025

Меѓународна конференција во Прилеп: Мора да се унапредат социјалните и здравствените услуги во локалната заедница

Меѓународна конференција во Прилеп: Мора да се унапредат социјалните и здравствените услуги во локалната заедница

Прилеп, 28 мај 2025 (МИА) - На почеток сме, но имаме успешни чекори во давањето социјални и здравствени услуги на загрозените семјества и поединци во локалната зедница. Посебно на спојувањето на социјалните и здравствените услуги за загрозените семејства и поединци, а за тоа се битни институционална соработка и соработка со другите земји и користењето искуства. Ова беше констатирано на денешната меѓународна конференција во Прилеп за „Социјалните и здравствените услуги во заедницата“ што ја организираше Центарот за развој и едукација од Прилеп, а присуствуваа претставници од Австрија, од Албанија, Србија, Хрватска.

-Меѓународна конференција „Социјални и здравствени услуги во заедницата“ е со цел да отвориме дијалог, да размениме идеи и искуства и да најдеме можни решенија како да го подобриме пристапот до социјалната и здравствена заштита и да ги направиме овие услуги подостапни за сите категории граѓани кои се во социјален ризик. Следејќи ги добрите практики во земјите од Европската Унија, гледаме како тие модели може да се имплементираат во наш, национален, но и во локален контекст. И не случајно, по развојот и испораката на услугата Нега во домот за нашите жители на територијата на Кривогаштани, Прилеп и Долнени, е веќе достапна услугата медицинска сестра во заедницата, дополнително е обезбедена поддршка со бесплатна физиотерапија во домот, бесплатен психолог, бесплатен социјален работник  во домот, изјави Марина Тошеска од Центарот за развој и едукација од Прилеп.

Во овој поглед во земјава се прават првите чекори. Законски услугите, како што беше посочено, треба да се достапни до населението и да се забрза децентрализацијата.

Според промените во законската регулатива од 2019 година во социјалната заштита, веќе социјалните услуги треба да се достапни за граѓаните и да се направи децентрализација на услугите на локално ниво, општините заедно со потенцијалните даватели на социјални услуги да креираат услуги кои ќе одговорат на реалните потреби на граѓаните кои живеат во таа општина. И доколку продолжат реформите и поддршката на релевантните институции навистина ќе може да забележиме подобар напредок и да се вброиме, и ние, во листата на земји кои имаат навистина квалитетни и оддржливи социјални и здравствени услуги. Она што ни е неопходно е поголема соработка со релевантните институции, министерствата за социјална политика, демографија и млади и за здравство, меѓутоа и со сите други институции кои се вклучени во процесот и на лиценцирање и на осмеслување, креирање на политики на социјалните услуги, објаснува Тошеска.

Министерството за социјална политика е подготвено за соработка со општините.

-Во моментот, со поддршка на министерството кое соработува со општините и е поддржувач за разработување и воведување нови услуги на локално ниво. Во моментов сме меѓу пилот- состојбите и спроведувањето проекти. Се надевам дека ќе се јават нови провајдери, заедно со нашите пријатели од странство и дека за брзо време ќе ги понудиме услугите како комплет, социјални и здравствени услуги, психосоцијална поддршка и здравствена услуга на сите оние на кои им е најпотребна, вели Зоран Малкоски, директор на прилепскиот Центар за социјални работи.  

За пилот проектот што се спроведува во Прилепскиот регион – Нега во домот и медицинска сестра во заедницата, што е прво спојување на социјалните и здравствените услуги во земјава, Центарот за развој и едукација соработува со австриската Влада.

-Ние имаме одредено искуство, соработуваме. Меѓутоа учиме едни од други. Некој вид услуги во заедницата на локално ниво се поспроведливи во Македонија и треба да се унапредуваат, рече Штефан Нидермозер, од НВО од Австрија.

Алтина Пескатари, социјален работник од Тирана, Албанија смета дека се потребни соработка и размена на искуства.

-Имаме исти демографски проблеми, стареење на населението и треба да најдеме некои, можеби, заеднички решенија за да се унапредат состојбите во давањето социјални и здравствени услуги, рече Пескатари. ем/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан