• понеделник, 23 декември 2024

МЕФ: Регионална соработка за надминување на енергетската криза

МЕФ: Регионална соработка за надминување на енергетската криза
Охрид, 30 јуни 2022 (МИА) - Регионална соработка е единствен начин за надминување на енергетската, но и другите кризи. Тоа беше заклучокот на дел од учесниците на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) 2022 што денеска и утре се одржува во Охрид, во организација на ЗИП Институтот и Владата на Република Северна Македонија. Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи истакна дека еден од главните приоритети на Владата во периодот што претстои ќе биде да се завршат сите започнати процеси што ќе значат социјално праведна енергетска транзиција, која ќе ни донесе енергетска безбедност и диверзификација на енергетскиот систем. - Цела Европа, па и пошироко се наоѓа во енергетска криза предизвикана од различни надворешни фактори. Се наоѓаме пред креирање среднорочна и долгорочна стратегија за енергетска независност и гасификација на нашиот енергетски систем. Овој момент треба да ни послужи да не креираме уште една зависност, туку да креираме меѓузависност на сите земји од регионот преку регионалната соработка не само во сегментот на енергетика, туку и во другите области битни за земјата, рече Битиќи. Бугарскиот министер за енергетика Александар Николов дели сличен став. Според него, интерконективноста е важно прашање од кое сите се засегнати и заеднички треба да работат. - Што и да се случи на политичкиот фронт ние мора да настапиме заедно и да работиме во однос на тие цели. Кризата што се случи во Бугарија е идентична како и онаа во Северна Макеоднија. Кризата во Украина имаше таков ефект на сите нас, особено со енергетиката и високите цени на гасот, но сите овие проблеми треба да бидат решени и да се постапува на идентичен начин. Ако работиме заедно може да преживееме и тоа е единствениот начин за постапување и справување со оваа ситуација, изјави Николов. Забележа дека нè очекува тешка зима, една од најтешките во последните децении. - Најоптимистичката проценка е дека ќе биде една од најтешките зими во последните неколку децении. Проблем е што производството на електрична енергија доаѓа од природниот гас и токму на тоа влијаат цените на гасот, додаде бугарскиот министер за енергетика. И поранешниот грчки претседател Јоргос Папандреу смета дека енергетската меѓузависност е единствено решение за пребродување на кризата. - Кризата потекнува од ужасната војна, односно инвазијата врз Украина што доведе до високи цени не само на енергенсите, туку следствено на тоа и на храната.Ова е уште една можност за продлабочување на нашата соработка не само на Западниот Балкан, туку на целиот Балкан воопшто. Да работиме во насока на транформирање на нашите стопанства и економии кои ќе бидат позелени, подемократски или попартиципативни. Да работиме на таа меѓузависност на енергетскиот сектор во однос на другите сектори за подобра иднина, нагласи Папандреу. Соработката меѓу Северна Македонија и Грција, според него, е добар пример како треба да изгледа една соработка за поширокиот Балкан, говорејќи за процесот на интерконекција, односно позајмување на енергија. сс/мд/

Остани поврзан