• недела, 22 декември 2024

Месец март просечен кон потопол и повлажен во споредба со многугодишните просечни вредности

Месец март просечен кон потопол и повлажен во споредба со многугодишните просечни вредности

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Месец март 2023 година, се карактеризира како просечен кон потопол и кон многу влажен локално, во споредба со многугодишните просечни вредности, покажаа мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во државата.

- Средномесечната температура се движеше од 3,5 степени целзиусови во Маврово до 10,5 во Гевгелија. Споредено со просечните мартовски средномесечни температури, за триестгодишен период (1991-2020), овогодишната беше 0,8 степени целзиусови над просечната на ниво на држава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Средната максимална температура варирала од 8,6 степени целзиусови во Маврово до 16,6 во Гевгелија.

Највисоката максимална температура била измерена на 25 март во Гевгелија и изнесувала 25,4 степени целзиусови.

Според мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици, средната минимална температура варирала од -0,9 степени целзиусови во Берово до 5,8 во Гевгелија. Најниската минимална температура во текот на месецот била измерена во Берово, на 13 март и изнесувала -7,2 степени целзиусови.

- Во месец март, месечната сума на врнежи во државата изнесуваше од 27  милиметри во Крива Паланка до 109  милиметри во Маврово. Врнежите беа од дожд и снег на планините. Максимално дневно количество на врнежи од 28  милиметри беше регистрирано во Охрид на 28 во месецот. На Попова Шапка на 4 март беше измерена највисока снежна покривка од 22 сантиметри, известуваат од УХМР.

Споредено со мартовската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи била 5 милиметри над просечната на ниво на држава. ир/цр

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан