• петок, 22 ноември 2024

Меркел: Потребна е заедничка стратегија за Русија и Кина

Меркел: Потребна е заедничка стратегија за Русија и Кина
Минхен, 19 февруари 2021 (МИА) - Германската канцеларка Ангела Меркел вечерва ја истакна важноста на мултилатерализмот во соочувањето со предизвиците, што, како што изјави, беше потврдено од сегашната пандемија. На Конференцијата за безбедност во Минхен (МСЦ), Меркел истакна дека само соработката може да ги надмине глобалните предизвици. Таа оцени дека со доаѓањето на новата американска администрација, мултилатерализмот има поголеми шанси. - Новата администрација нè увери дека само не се зборува, туку и се дејствува. Враќањето во СЗО, Парискиот договор и други се важни чекори кон поголема меѓународна соработка, нагласи Меркел. Таа додаде дека на демократските земји не е само да зборуваат за вредностите и слободите, туку и да донесат резултати и да придонесат за нивно остварување.  Укажа и на важноста од поголемо ангажирање во Африка, но и за решавање на ситуацијата во Либија и Сирија. - Трансатлантското партнерство има две важни задачи. Едната е врската со Русија. Во последниве години, ние не постигнавме напредок во однос на прашањето за интегритетот и суверенитетот на Украина. Договорот од Минск е инструмент, но тој не донесе резултати, рече таа. Меркел повика на развој на трансатлантска стратегија во однос на Русија, која ќе понуди соработка, но посочи и на разликите. Според неа, втората задача е комплицирана и се однесува на воспоставување заедничка агенда за Кина. - Од една страна, Кина е конкурент, а од друга страна, ни треба како партнер во некои области, како што е борбата против климатските промени. Кина се здоби како сила на моќ. Затоа, сега е важно, во врска со испораката на вакцини од Кина и Русија, да дејствуваме како Ковакс и мултилатерална заедница и да се овозможи вакцинација и во земјите во развој, порача Меркел. Таа ја истакна потребата од зајакнување на сите мултилатерални организации како што се Светската трговска организација, Светската здравствена организација, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. - Секаде каде што бевме бавни и слаби, се појавија некои други структури под раководство на Кина, предупреди Меркел. Таа нагласи дека е неопходно да се дефинираат заедничките предизвици и активности. Според неа, „нема да биде секогаш лесно, затоа што не постојат секогаш заеднички интереси, но постои демократија како широка основа“. - Германија е подготвена за ново поглавје во трансатлантското партнерство, истакна Меркел. паг/

Остани поврзан