Мемов: Вкупното зголемување на пензиите од минатата година до март 2026 е во износ од 7.000 денари месечно
- Зголемувањето на пензиите од септември по основ на законското усогласување, кое изнесува 1.036 денари на месечно ниво за 340 илјади пензионери, ќе изнесува 352,24 милиони денари, или 5,73 милиони евра, а до крајот на годината од буџетот на државата ќе треба да се одвојат дополнителни 17,2 милиони евра. Вкупното зголемување на пензиите од минатата година до март 2026 година во износ од 7000 денари по пензионер за 340 илјади пензионери изнесува 28,56 милијарди денари или 463,63 милиони евра на годишно ниво.
16 септември 2025
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на ПИОМ, Никола Мемов во интревјуто за „Вечер Прес“ одговори на повеќе прашања во врска со работата на Фондот, финансиската стабилност, модернизацијата на информатичкиот систем, како и за предизвиците со кои се соочува на оваа позиција.
Запрашан колкава е сумата што ја покриваат придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, како основен извор, за редовна исплата на пензиите, директорот на Фондот, Мемов рече дека во поднесеното Буџетско барање до Министерството за финансии за 2026 година Фондот на ПИОМ побарал зголемен буџет во вкупна вредност од 149.38 милијарди денари, што е за 13 милијарди денари повеќе од буџетот во 2025 година. Тој појасни дека ова зголемување е за покривање на трошоците за исплата на зголемените пензии, што вкупно изнесува околу 10,6 милијарди денари и зголемените расходи за придонесот за здравствено осигурување на пензионерите. Мемов рече дека 74,23 проценти од изворните приходи учествуваат во делот на исплата на пензиите. Поради тоа, како што додаде Мемов, Фондот на ПИОМ од државата, преку Министерството за социјална политика, демографија и млади добива трансфери од буџетот на државата за покривање на трошоците за исплата на пензии, за плаќање на придонеси за здравствено осигурување и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот пензиски столб. Овие трансфери за 2026 година се планирани во износ од 60,15 милијарди денари, од кои 15,23 милијарди се за здравствено осигурување на пензионерите и 15,95 трансфери по основ на задолжително пензиско осигурување.
Во однос на тоа колкава сума на средства е акумулирана во вториот задолжителен пензиски столб, во кој се префрлаат шест проценти од уплатените придонеси за пензиско осигурување, Мемов рече дека од јануари 2007 година, заклучно со август 2025 година, Фондот на ПИОМ има направено транзициски трошоци кон вториот столб во вкупен износ од 123,667 милијарди денари, а заклучно со 31 јули 2025 година осигурениците во вториот пензиски столб имаат вкупно акумулирано 175,49 милијарди денари или околу 2,84 милијарди евра, согласно објавените официјални податоци на МАПАС.
На прашањето дали се размислува за зголемување на стапката на придонеси и н старосната граница за одење во пензија, предлози на Фискалниот совет, директорот на Фондот, Мемов одговори:
„Овие мерки што ги предложи Фискалниот совет доаѓаат како континуирани предлози и од Светска банка и од ММФ. Мое мислење е дека апсолутно не соодветствуваат со реалните прилики на живот во Македонија, Имено, просечниот период на користење на пензија е 11 години, ако се зголеми старосната граница на 67 години, тој просек ќе падне на околу седум години. Од друга страна зголемувањето на стапката на придонеси за ПИО по автоматизам не мора да значи и зголемување на изворните приходи во Фондот. За оваа тема мора да има дијалог и консултации со приватниот сектор, преку стопанските комори за да се најде баланс за одржливоста на ваков тип мерки“.
Запрашан колку ќе го чини Фондот на ПИОМ линеарното зголемување на пензиите во септември месечно, а колку до крајот на годината, Мемов рече:
„Зголемувањето на пензиите од септември по основ на законското усогласување, кое изнесува 1.036 денари на месечно ниво за 340 илјади пензионери, ќе изнесува 352,24 милиони денари, или 5,73 милиони евра, а до крајот на годината од буџетот на државата ќе треба да се одвојат дополнителни 17,2 милиони евра. Вкупното зголемување на пензиите од минатата година до март 2026 година во износ од 7000 денари по пензионер за 340 илјади пензионери изнесува 28,56 милијарди денари или 463,63 милиони евра на годишно ниво. Во денешни услови сметам дека е оправдано покачувањето на пензиите на два пати по 2500 денари, септември 2024 и март 2025 година и последното законско усогласување за септември 2025 и март 2026 година за по 1000 денари, заради подобрување на животниот стандард на пензионерите во Македонија. Сведоци сме дека има тренд на пораст на платите и следствено на тоа мора да има и зголемување на пензиите“.
На прашањето како да се стабилизира финансиски Фондот, директорот на ФОНДОТ Мемов нагласи:
„Би сакал да посочам дека политиките и моделот на пензискиот систем го креира Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади. Ние како Фонд на ПИОМ сме инструмент за имплементирање на политиките на Владата, но секако даваме свои мислења, сугестии и предлози за негово унапредување. Кога станува збор за стабилизација на буџетскиот дефицит на ПИОМ потребно е да се гледа големата слика, а не селективно изолиран само Фондот на ПИОМ. За ова постојат три основни мерки: Прво, мора да се обезбеди зголемен економски раст, второ, државата мора да ги наплати во целост сите свои побарувања од сите субјекти и трето директно за стабилизирање на пензискиот систем потребно е да се обезбеди пасивен извор на приходи, за полнење на касата во ПИОМ и во друштвата во вториот столб.(акции во профитабилни компании, внимателно инвестирање на пензиските друштва на берзите итн)“.
Запрашан дали има лажни инвалидски пензии, Мемов категорично рече дека нема лажни инвалидски пензии или пензии добиени со фалсификувани податоци откако во Фондот е ова раководство. Што било порано и дали имало такви случаи, рече тој, ќе кажат органите на прогонот, кои веќе имаат отворено постапки, а тие преземаат мерки правата да се остваруваат единствено и исклучиво согласно законските одредби и во предвидените рокови.
Во однос на неговата заложба за дигитализација на Фондот, Мемов потенцира дека модернизацијата на информатичкиот систем и дигитализацијата се врвни приоритети на Фондот., особено што е тоа поткрепено и со наодите и препораките од Функционалната анализа, што е изготвена од страна на Светска банка. Тој додаде дека се планирани активности за дигитализација и модернизирање на ICT системот, развој на ново интегрирано софтверско решение за матична евиденција на предметите и исплата на пензиите, заедно со модулите на човечки ресурси, е-DMS и други ERP модули, како и дигитализација на архивата на Фондот, за што ќе користат средства од проект со Светска банка. Мемов рече дека во насока на подобрување на квалитетот на услугите воведени се 17 дигитални услуги, отворен е Кол центар со број 15215, на кој граѓаните можат да се информираат за сите прашања во врска со пензиското и инвалидското осигурување и со статусот на нивните поднесоци, а новина е и информирањето на странките со СМС порака дека решението за пензија е готово и дека можат да го подигнат во најблиската филијала на Фондот. Работиме за да ги оствариме зацртаните цели и да придонесеме граѓаните да добијат квалитетни услуги“, рече директорот на Фондот на ПИОМ, Никола мемов во интервјуто за „Вечер Прес“
Фонд на пензиското и инвалидското осигурување - ПИОМ
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.