Мелони освои убедливо мнозинство во Парламентот – конечни резултати од изборите во Италија
- Италијанската крајнодесничарска партија „Италијански браќа“, предводена од Џорџа Мелони, освои 26 отсто од гласовите на изборите, а нејзината десничарска коалиција има убедливо мнозинство во
Рим, 27 септември 2022 (МИА) - Италијанската крајнодесничарска партија „Италијански браќа“, предводена од Џорџа Мелони, освои 26 отсто од гласовите на изборите, а нејзината десничарска коалиција има убедливо мнозинство во Парламентот, покажуваат конечните изборни резултати објавени денеска.
Нејзиниот сојузник Матео Салвини од Лигата освои 8,8 отсто од гласовите, додека Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони освои 8,1 отсто од гласовите во Долниот дом на Парламентот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Десничарскиот блок освои вкупно 43,8 отсто од гласовите, што значи дека ќе имаат 237 од 400 места во долниот Претставнички дом, додека во Сенатот ќе имаат 115 од 200 места, што значи убедливо мнозинство.
Левичарската Демократска партија (ДП) освои 19 отсто од гласовите. Таа партија заедно со помалата еколошка партија ќе има 84 места во Претставничкиот дом и 44 во Сенатот.
„Движењето пет ѕвезди“ освои 15,4 отсто од гласовите, така што ќе има 52 места во Претставничкиот дом и 28 во Сенатот.
Центристичката алијанса Азионе освои 7,8 отсто од гласовите, со 21 место во Долниот дом и девет во Сенатот. Останатите места припаѓаат на помалите партии.
Мелони треба да стане првата жена на чело на италијанската влада, а по победата на изборите порача: „Ќе владееме за доброто на сите“.
„Италијански браќа“ е основана во 2012 година. Десничарите во кампањата ветија големи придонеси од буџетот за сузбивање на последиците од енергетската криза, но и намалување на даноците. паг/