Мекиќ пред дуелот со Литванија: Го респектираме противникот, но веруваме во позитивен исход
- „Да дадеме 200 отсто од нашите можности и да се обидеме да изненадиме барем на домашен терен“, изјави денеска репрезентативецот Адем Мекиќ пред претстојните два дуели на македонската кошаркарска репрезентација против Литванија на домашен и гостински терен во рамки на евроквалификациите.
Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) – „Да дадеме 200 отсто од нашите можности и да се обидеме да изненадиме барем на домашен терен“, изјави денеска репрезентативецот Адем Мекиќ пред претстојните два дуели на македонската кошаркарска репрезентација против Литванија на домашен и гостински терен во рамки на евроквалификациите.
Македонија ќе ја пречека Литванија утревечер од 18. часот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, а реваншот е закажан за в недела во Клаипеда.
„Литванија е една од најсилните репрезентации во светот, а дуелите со неа се од исклучително значење за нас. Имавме успех на гостувањето во Полска, ќе мораме сите да бидеме на висина на задачата, да дадеме 200% од нашите можности, и да се обидеме да изненадиме барем на домашен терен“, истакна Мекиќ за сајтот на КФСМ.
Според Мекиќ, македонската репрезентација ќе мора да одигра агресивно доколку сака да се надева на позитивен резултат против фаворитот во групата.
„Како репрезентација, мораме да бидеме агресивни, секако дека го респектираме противникот, но не треба да се повлечеме. Мораме да веруваме во позитивен резултат“-рече Мекиќ по успешно одработениот тренинг во СРЦ „Кале“.
По две одиграни кола во квалификациската група Х за пласман на Евробаскетот 2025, Македонија и Литванија имаат по една победа и пораз. На табелата води Естонија со максимален ефект, додека Полска е последнопласирана со два порази. ег
ФОТО: КФСМ