• понеделник, 13 јануари 2025

Меган Маркл го одложи своето реално шоу

Меган Маркл го одложи своето реално шоу

Лос Анџелес, 13 јануари 2025 (МИА) - Меган Маркл одлучи да го одложи датумот на објавување на нејзиното ново реално шоу на „Нетфликс“ - „Со љубов, Меган“, поради шумските пожари што сѐ уште го пустошат нејзиниот роден град Лос Анџелес.

На барање на Меган и со целосна поддршка на стрим-платформата, објавувањето на емисијата е поместено од 15 јануари на 4 март. Калифорнија е особено значајна за војвотката од Сасекс. Таа сега живее во градот Монтесито со нејзиниот сопруг - британскиот принц Хари и нивните деца, принцот Арчи (5) и принцезата Лилибет (3). Нејзината нова серија „Со љубов, Меган“ (With love, Meghan), раскажува, меѓу другото, и за нејзината љубов и приврзаноста кон родната држава.

- Благодарна сум им на моите партнери во „Нетфликс“ што ме поддржаа во одложувањето на емитувањето, бидејќи сега сме насочени кон потребите на оние кои беа погодени од шумските пожари во мојата родна држава Калифорнија, изјави Меган.

На 10 јануари, Меган и Хари ја посетија поставата на Светската централна кујна во Пасадена и ѝ помагаа во распоредувањето храна и материјали за преживеаните од пожарот. Подоцна, тие се сретнаа со основачот на СЦК, Хозе Андрес, и ги пофалија тимовите за помош.

Таа, инаку, заедно со својот сопруг, им понуди засолниште на пријателите кои беа принудени да се евакуираат и засолнат во нивниот дом во Монтесито. Преку својата „Фондација Арчевел“, тие, како што соопштија за „Пипл“ (People), активно работат на помош и поддршка на заедницата во оваа криза. Фондацијата нуди поддршка и можности за помош во закрепнувањето на менталното здравје за оние на кои им е потребна и долгорочна помош.  си/сд/

Фото: ЕПА

Остани поврзан