МД „Сонце“ учествуваше на семинар за толеранција, солидарност и културна разновидност во Хатај, Турција
- Членови на Македонското друштво „Сонце“ од Република Албанија, учествуваа на меѓународен семинар што се одржа во Хатај, Турција, град познат како „Град на цивилизациите“, каде со векови заедно живеат христијани, муслимани и евреи.
Тирана, 1 ноември 2025 (МИА) - Членови на Македонското друштво „Сонце“ од Република Албанија, учествуваа на меѓународен семинар што се одржа во Хатај, Турција, град познат како „Град на цивилизациите“, каде со векови заедно живеат христијани, муслимани и евреи.
Претседателот на друштвото, Васил Стерјовски изјави за МИА дека целта на овој собир била да ја зголеми свеста за солидарноста, толеранцијата, мирот и борбата против расизмот и предрасудите.
-Во последните години, војните, тероризмот и општествените кризи предизвикаа поделби и дискриминација, па преку овој проект, со примерот на културното и етничкото богатство на Хатај, се покажа дека различностите претставуваат сила и инспирација, а не пречка, рече за МИА, Стерјовски.

Тој додаде дека во рамки на семинарот биле реализирани низа активности, интеркултурни посети на верски и културни објекти (црква, џамија и синагога), работилници за уметност, музика и раскажување како алатки за дијалог, дискусии и активности за промовирање на критичко размислување, соживот и разбирање, како и сесии за младинско оспособување и граѓанска активност.
-Главните цели на проектот беа намалување на предрасудите меѓу младите, поттикнување на толеранцијата, јакнење на интеркултурниот дијалог и солидарноста, како и инспирирање на младите да станат активни чинители во своите заедници. Хатај, со своето историско наследство, култура и гостољубивост, овозможи учесниците да ја доживеат вистинската вредност на толеранцијата и заедништвото, нагласи тој.

Оцени дека преку неформално образование, уметност, музика и културни активности, младите учесници, меѓу кои и претставниците на македонското друштво „Сонце“, ги зајакнаа вредностите на пријателството, почитта, демократијата и солидарноста, промовирајќи го единството во различноста и почитта кон човековите права и слободи.
-Со ова учество, Македонското друштво „Сонце“ уште еднаш потврди дека е активен промотор на културната размена, европските вредности и меѓуетничката соработка меѓу младите, посочи Стерјовски. вт/ац/
Фото: МД "Сонце"