МД „Илинден“ го честита Eвропскиот ден на јазиците со честитка до Македонците
- Македонско друштво „Илинден“ - Тирана по повод одбележувањето на 26 септември, ден на европските јазици, упати честитка до сите Македонци, кои како што наведуваат, каде и да се, со порака да го зачуваат мајчиниот јазик, бидејќи, како што посочуваат, тоа е најголемото обележје на националниот идентитет, но и да научат и други јазици, затоа што тоа е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање.
Тирана, 26 септември 2023 (МИА) - Македонско друштво „Илинден“ - Тирана по повод одбележувањето на 26 септември, ден на европските јазици, упати честитка до сите Македонци, кои како што наведуваат, каде и да се, со порака да го зачуваат мајчиниот јазик, бидејќи, како што посочуваат, тоа е најголемото обележје на националниот идентитет, но и да научат и други јазици, затоа што тоа е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање.
- Сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, стои во честитката на друштвото, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.
Од Друштвото посочуваат дека јазичната разновидност е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање и важен дел од богатото наследство на европскиот континент.
По повод овој ден, Друштвото потсетува, дека, за жал и во 21. век, Македонците во Албанија не може да се образуваат на мајчиниот јазик.
- И покрај континуираните барања во изминатите три децении од падот на тоталитарниот режим да се овозможи настава на мајчин македонски јазик, сите досегашни албански власти остануваат глуви и слепи на реалноста. Освен за децата во Пустец иако и таму нецелосно, настава на македонски јазик нема ниту во Гора, ниту во Голо Брдо, каде настава на македонски имало до педесеттите години од минатиот век, а да не зборуваме за Тирана, Елбасан и други градови каде што живеат илјадници Македонци, забележува друштвото „Илинден“.
Честитајќи го денешниот ден, друштвото уште еднаш упатува порака до Македонците во Албанија, каде е во тек попис на населението и домаќинствата со „гордост да се изјаснат дека се Македонци со мајчин македонски јазик“. вт/бд