• недела, 22 декември 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - Полициски службеници од Оперативен тим потраги денеска околу 07.15 часот на ул.„Отокар Кершовани“ во Скопје го лишиле од слобода А.Б.(30) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година и 10 месеци за сторено кривично дело „тешка кражба“ пo член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено на надлежната казнено – поправна установа. 

По претходно добиени оперативни сознанија, полициски службеници од СВР Битола вчера на ул.„Таку Димитровски” во Битола го лишиле од слобода А.М.(28) од Битола. Тој се сомничи дека во периодот од 26 до 29 јули извршил „тешка кражба“ во објект на правно лице во Битола, при што одзел повеќе предмети. Притоа, во неговиот дом биле пронајдени и одземени повеќе предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вчера во 20.30 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, го лишиле од слобода З.С.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена дробилка со марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од СВР Тетово вчера во 18.30 часот на улица „Илинденска“ во Тетово го привеле Д.З.(40) од Тетово, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна. Тој бил предаден во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

Полициски службеници од СВР Битола вчера во Битола ги лишиле од слобода Б.Ѓ.(27)  и Н.Д.(29) од Битола затоа што при преглед на патничко возило „опел” со битолски регистарски ознаки, сопственост на Н.Д., биле пронајдени и одземени пакување со прашкаста материја и банкноти во различни апоени во внатрешноста со остатоци од прашкаста материја. По документирање на настанот против нив ќе следува соодветна пријава.

Во Градски парк во Велес синоќа во 00.30 часот полициски службеници од СВР Велес го привеле Ѓ.Ј.(20) од Велес. Откако ги забележал полициските службеници, тој  фрлил пакување со зелена тревкаста материја, која била пронајдена во негова близина.  По документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.   

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 115 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина осум санкции, 10 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се пет мерки за користење мобилен телефон при возење, шест за некористење сигурносен појас, пет за минување на затворен сигнал (црвено светло)... Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Вчера во 14.43 часот во СВР Штип било пријавено дека на регионалниот пат Штип-Плачковица, во близина на влез во село Стар Караорман, штипско, патничко возило „фолксваген поло“ со штипски регистарски ознаки, управувано од А.И.(23) од Штип, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот И.Ј.(23) од Штип, а возачот се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.

Во Полициската станица Радовиш вчера во 21.50 часот било пријавено дека на регионален пат Радовиш - село Ињево, радовишко, Р.Р.(26) од Радовиш, управувајќи мопед „пежо“ со радовишки регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Р.Р., констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Струмица.

Од болницата во Кавадарци вчера во ОВР Кавадарци било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен малолетник од Кавадарци. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при пад од мотоцикл на патот Градско-Прилеп во изградба, во близина на село Сирково.   

Б.Ч.(34) од Скопје вчера во 15.30 часот во Полициската станица Карпош пријавил дека на ул.„Ловќенска“ во Скопје бил каснат од куче скитник.вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан