• среда, 20 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Полициски службеници вчера на улицата „Столарска“ во Битола го лишиле од слобода Б.И., на возраст од 31 година од овој град.

При преглед, кај него била пронајдена грутчеста материја. По документирање на настанот, ќе следува соодветна пријава.

Синоќа во 21:05 часот, кај месноста „Удово“, на патниот правец Дебар - Струга, лишен од слобода е Ф.Л., 22-годишен дебарчанец.

При преглед во патничкото возило, во кое се превезувал, извршен од полициските службеници, пронајдени и одземени се марихуана и дробилка. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР - Струга поднесе кривична пријава против А.И., 37-годишно лице од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа еден пиштол „збројовка“ калибар 6,35 милиметри и 38 парчиња муниција, различен калибар, што неовластено ги поседувал.

ОВР - Струга поднесе кривична пријава против Ф.Б., 18-годишник од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.

Тој, на 12 октомври околу 19 часот, во струшкото село Луково, физички нападнал 17-годишно момче.

Вчера во 12:50 часот во СВР - Скопје, од здравствена установа во село Петровец, скопско, било пријавено дека околу 12:25 часот, пред установата, без знаци на живот бил донесен скопјанецот Ф.С., на 59-годишна возраст.

Од страна на лекар, констатирана била смрт, без видливи траги на насилство. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР - Скопје, а по насоки на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција. 

Денеска во 1:30 часот во СВР - Скопје, М.М.(20), М.С.(20) и Н.Ч.(22), сите од главниот град на државава, пријавиле дека биле физички нападнати пред угостителски објект на подрачјето на Центар.

М.М. и М.С. биле физички нападнати од едно лице, а Н.Ч. бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 8:25 часот во СВР - Скопје, Н.Л., 40-годишник од село Бузалково, велешко, пријавил дека околу осум часот, на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 18 часот во СВР - Скопје, Ј.Ѓ., 39-годишна скопјанка, пријавила дека во 15:30 часот пред угостителски објект на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од друга малолетничка.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 14:20 часот во СВР - Скопје, Б.Н., 43-годишник од село Огњанци, скопско, пријавил дека околу 11 часот во село Петровец, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 13:33 часот во СВР - Скопје, Г.М., 38-годишна скопјанка, пријавила дека околу 10 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, била физички нападната од М.„Н“, која употребила и тврд предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 14:50 часот на подрачјето на Драчево, полициски службеници ги привеле Н.М.(21) и А.К.(30), двајцата од Скопје, поради тоа што агресивно се однесувале кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во полициската станица во Берово, Д.М., 42-годишник од село Русиново, беровско, вчера пријавил дека претходниот ден, околу 17 часот во двор од основно училиште во селото, неговиот малолетен син бил физички нападнат од Т.Б., од истото село.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 10:50 часот во полициската станица во Берово, од Итната медицинска помош било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен 63-годишниот Љ.Г..

Тој, според пријавеното, се здобил со повредите откако на место викано „Трнков преслап“, атар на селото Русиново, управувајќи трактор, излетал надвор од патот. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР - Берово.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против Е.Ф., 19-годишно лице од село Долна Лешница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“ во обид.

На 28 октомври во селото Долна Лешница, пријавениот со нож му нанел повреди на 16-годишно лице.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против Л.М., 34-годишно лице од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

На 30 октомври, полициски службеници, при извршен претрес во домот на пријавениот во Тетово, пронашле и одзеле кокаин.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Свети Николе поднесе кривична пријава против Ш.Ѓ., 68-годишно лице од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Пријавениот, како одговорно лице на Здружение на пензионери на општина Свети Николе, ја искористил својата службена положба и овластување на начин што како овластен потписник на сметката на здружението, што се финансира од членарината на пензионерите, истиот без одлука, во 19 наврати повлекол вкупно 146.453 денари ненаменски средства на име на репрезентација, иако знаел дека со предлог одлука на финансов план за 2023 година за ставка репрезентација, биле обезбедени 40.000 денари, со што нанел штета на Здружението од 106.453 денари. бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан