• сабота, 28 декември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 28 декември 2024 (МИА) - Полициски службеници од СВР Скопје синоќа во 1.00 часот во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, го лишиле од слобода Џ.М.(37) од Република Турција, со привремен престој во Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека претходниот ден околу 23.00 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 31-годишна сопруга. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок. 

Т.Ч.(37) од Скопје ноќеска во 1.30 часот во СВР Скопје пријавил дека околу 0.25 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Р.К. (39) од село Студеничани,скопско. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Скопје вчера во 13.00 часот било пријавено дека во Трговски центар на подрачјето на Карпош во Скопје бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.Р.(20) и еден малолетник од село Шишево, скопско, од една страна и Р.Е.(48) од село Крушопек, скопско, од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

Б.С.(57) од Република Хрватска, вчера во 22.30 часот во СВР Скопје, пријавила дека околу 20.30 часот на подрачјето на Центар, едно лице со употреба на физичка сила и одзело ранец со паричник и лични документи. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

М.Ш.(36) од село Јурумлери, скопско, утринава во 2.30 часот во СВР Скопје пријавила дека на претходниот ден  околу 22.20 часот во околината на Транспортниот центар, на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, нејзиниот 17-годишен син бил физички нападнат од неколку машки лица, од кои едниот од напаѓачите го познавал, кој и претходно му упатувал закани. За настанот бил известен јавен обвинител за малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.  

Полициски службеници од СВР Скопје утрово во 3.50 часот во Скопје ги лишиле од слобода В.Н.(28), кој инаку и претходно бил баран по судска наредба и А.П.(27) двајцата од Скопје, поради тоа што околу 3.30 часот во поранешна фабрика на подрачјето на Кисела Вода во Скопје, движејќи се со патничко возило „мазда“ со скопски регистарски ознаки, не застанале на даден полициски знак, при што по преземени мерки биле пронајдени и физички нападнале полициски службеници додека извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.  

Полициски службеници од ПС Гостивар вчера во 13.50 часот на улица „Борче Јовановски“ во Гостивар, поради основано сомнение дека е извршител на претходно пријавена кражба, го лишиле од слобода Г.О.(48) од село Равен, гостиварско, кој бил фатен од вработена во магацин од продавница при извршување на кражба и е задржан во полициска станица за понатамошна постапка.

Синоќа во периодот од 1.00 до 2.15 часот полициски службеници од СВР Тетово извршиле акциска контрола во Угостителски објект во село Желино, каде биле затекнати и приведени две страни државјанки и тоа Ш.Д. (20) од Украина и И.Д.(27) од Молдавија, кои го злоупотребиле туристичкиот престој и престојувале спротивно на целта. Тие биле задржани во Полициска станица за понатамошна постапка.

А.Ќ.(42) од село Пршовце вчера во 22.00 часот во ПО Теарце, пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од Ф.Н. од село Пршовце. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Полициски службеници од ОВР Неготино вчера во 21.50 часот го лишиле од слобода М.П.(72) од Демир Капија, постапувајќи по пријава од Ф.М.(43) од демиркаписко село. Според пријавеното, во Демир Капија, неговата малолетна ќерка истиот ден била запрена од М.П. кој откако ја сопрел почнал да и упатува прашања и понуда за во ресторан, а откако малолетничката одбила, и рекол дека повторно ќе ја побарал, од што истата се вознемирила и исплашила. Извршен бил разговор со малолетничката во присуство на родителот и претставник од Центарот за социјални работи Неготино. М.П. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.  

Полициски службеници од СВР Велес вчера во 17.40 часот ги лишиле од слобода С.З.(57), Б.З.(36), В.В.(18) и едно малолетно лице, сите од Велес, а постапувајќи по пријава од Ф.Ј.(54) вработен во Шумска полиција - Велес. Според пријавеното, на земјен пат од езеро Младост кон село Ветерско, велешко, додека Ф.Ј. заедно со Б.К. и З.З. вршеле службени задачи како шумски полицајци,  ги затекнале лицата како вршат бесправна сеча на дрва по што биле физички нападнати. Притоа Б.З. користел и остар предмет и им нанел повреди на З.З. и Б.К., констатирани во болницата во Велес, додека В.В. се заканувал со вклучена моторна пила, како и С.З. и малолетното лице кои држеле дрвени предмети. Напаѓачите потоа заминале со патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки. Лицата биле приведени, а С.З Б.З. и В.В. се задржани во полициска станица, додека возилото и предметите од нападот биле пронајдени и одземени. За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

З.М.(36) вчера во 15.00 часот во СВР Куманово пријавила дека од домот во село Цветишница, општина Старо Нагоричане се оддалечила нејзината мајка С.К. (64). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Во ОВР Струга вчера во 14,30 часот е пријавено дека на улица во струшкото село Лабуништа, Е.М. физички го нападнал С.Ш.(35), двајцата од истото село. Против напаѓачот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во СВР Охрид утринава  во 1.45 часот е пријавено дека, во близина на спортски објект во охридското село Велгошти, едно лице физички го нападнал М.Н.(68) од Скопје. Се преземаат мерки за целосно расветлување на настанот. вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан