• вторник, 24 декември 2024

Матиќ: На 10 јули почнува спроведување на Договорот за слободна трговија на Србија со Евроазиската економска унија

Матиќ: На 10 јули почнува спроведување на Договорот за слободна трговија на Србија со Евроазиската економска унија
Белград, 2 јули 2021 (МИА) - Српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации, Татјана Матиќ најави дека Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската економска унија и нејзините земји-членки - Русија, Казахстан, Белорусија, Ерменија и Киргистанската Република - ќе стапи на сила на 10 јули годинава, јави дописникот на МИА од Белград. - Бидејќи ова е најважниот договор за слободна трговија што го склучи Република Србија во претходниот период, особено поради фактот што тоа значи проширување на списокот на стоки што се извезуваат без наплата на увозни давачки, како и дека се приклучени уште две земји, неговата имплементација значително ќе го зголеми извозот на српски стоки на пазарот на ЕАЕУ, и со тоа ќе придонесе за натамошно зајакнување на извозниот потенцијал на Србија, како и на целокупниот економски развој. Овој договор ќе овозможи пристап на пазарот на над 180 милиони луѓе за околу 99 тсто од стоките од Царинската тарифа без наплата на царински давачки, а на бизнисмените им останува да ги искористат тие поволности, изјави Матиќ во соопштението на ресорното Министерство. Таа потсети дека со новиот Договор е задржан висок степен на либерализација на трговијата, кој се применува според важечките билатерални договори за слободна трговија на Србија со Руската Федерација, Белорусија и Казахстан, дека е проширен на уште две земји - Ерменија и Киргистанската Република и дека Србија издејствувала дополнителна либерализација за извозот во ЕАЕУ. - Со договорот за слободна трговија, Србија го задржува исклучително повластениот извоз што го има на рускиот пазар, што беше една од главните цели на преговорите, бидејќи околу 90 отсто од вкупната трговска размена меѓу Србија и земјите на ЕАЕУ се однесува на Руската Федерација. Договорот не е корисен само за српските бизнисмени и извозници кои работат со земјите на ЕАЕУ, туку е и поттик за доаѓање на странски инвеститори, особено оние извозно ориентирани од производствените дејности, оцени министерката Матиќ. об/паг/

Остани поврзан