• петок, 22 ноември 2024

Маск и група експерти бараат пауза во развојот на вештачката интелигенција поради „ризици за општеството“

Маск и група експерти бараат пауза во развојот на вештачката интелигенција поради „ризици за општеството“

Њујорк, 29 март 2023 (МИА) - Илон Маск и група експерти за вештачка интелигенција повикуваат на шестмесечна пауза во развојот на системи помоќни од неодамна лансираниот GPT-4, во отворено писмо предупредувајќи за можни ризици за општеството и човештвото.

На почетокот на овој месец, компанијата OpenAI во соработка со Мајкрософт ја објави четвртата верзија на програмата GPT (Generative Pre-trained Transformer), која ги освои корисниците поради широкиот опсег на употреба, од компонирање песни до компресирање долги текстови.

Писмото, објавено од непрофитниот институт Future of Life и потпишано од повеќе од илјада луѓе, вклучувајќи го и Маск, повикува на пауза во развојот на напредна вештачка интелигенција додека независните експерти не излезат со безбедносни протоколи.

„Моќните системи за вештачка интелигенција треба да се развиваат само кога сме сигурни дека нивните ефекти ќе бидат корисни и дека ризиците можат да се менаџираат“, се вели во писмото.

Авторите укажуваат на ризици во форма на економски и политички нарушувања и ги повикуваат програмерите да соработуваат со властите и регулаторните тела.

Нивната загриженост се совпаѓа со предупредувањето на Европол, кој во понеделникот укажа на бројни етички и правни проблеми донесени од ChatGPT, во врска со можна злоупотреба за кибер напади, дезинформации и кибер криминал. паг/

Фото:ЕПА

Остани поврзан