• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ: Сериозно треба да се разгледа предлог-законот за амнестија

Маричиќ:  Сериозно треба да се разгледа предлог-законот за амнестија

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Ние имавме таков закон и во 2018 година и се додека целта на тој закон е оние коишто се казнети со помали казни, или оние коишто веќе издржале голем дел од својата казна, да можат да бидат ослободени мислам дека сериозно треба да се разгледа, бидејќи знаеме дека тоа е еден од начините како да се растоварат затворите. Но, и не само тоа, како да се направи казнената политика и подинамична и посоодветна, бидејќи навистина сега како што е можеби е во некои делови престрога, одговори денеска вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, на новинарско прашање во врска со Законот за амнестија.

Тој истакна дека било најавено и повторно отворање, односно приложување на оној целосен нов Кривичен законик и додаде дека треба пообјективно да ги гледаме овие работи.

-  Бидејќи сме имале еднаш таков закон, целта е исполнета, а тоа е тие што се со мали затворски казни до шест месеци или оние коишто одлежале најголем дел од казните да имаат можност да излезат порано, нагласи Маричиќ.  

Вицепремиерот на прашањето зошто тој не е дел од  стратешкиот тим за евроинтеграции на СДСМ, одговори дека тоа е стратешки тим за градење стратегија на партијата, не е специфично за евроинтеграции.

- Да, јас учествувам во други тела на партијата, тоа е така договорено, јас сум се согласил со тоа и секој во партијата има свои задачи, така што давам целосна поддршка на работата на тоа стратешко тело, рече Маричиќ.

На новинарското прашање дали постојат сознанија каква е бугарската реакција на барањето во француско-германскиот предлог за укинување на ветото во процесот на евроинтеграција, Маричиќ истакна дека нема официјална реакција, но, како што вели,  сигурен е дека кога ќе дојдат тие теми да се дискутираат ќе има држави, не само Бугарија и други, кои ќе имаат забелешка на тој начин на менување на принципот на едногласност во делот на проширувањето.

- Но, тоа е борба која што ние не треба да ја биеме, тоа е битка внатре во ЕУ. Ние треба да се погрижиме во моментот кога ќе дојде времето да се носи одлука за наше членство во ЕУ никој да нема против. Тоа ни е многу важно, нагласи вицепремиерот за европски прашања. сан/са/

 

Фото: МИА

Остани поврзан