• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Регионалната соработка носи стабилност во време на кризи, иднината ни е заедничка и европска​ 

Маричиќ: Регионалната соработка носи стабилност во време на кризи, иднината ни е заедничка и европска​ 
Скопје, 17 март 2022 (МИА) - Регионалната соработка е реалност и сега, како никогаш досега, мора регионот да се обедини за полесно надминување на предизвиците со кои се соочуваме и ние, а и Европската Унија, истакна денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на експертска тркалезна маса „Регионална соработка за европска интеграција“, организирана во рамките на иницијативата „Балкански дијалози“. - Добрата соработка и постојаната комуникација на различни основи се вредности на регионалните иницијативи, но секако не се замена за европската интеграција, туку потпорен столб и катализатор на регионалната соработка што треба да доведе до подинамичен процес на европска интеграција. Во време на глобални промени сме подготвени да се приспособуваме, но не сме подготвени и не сакаме да ги менуваме нашите стратешки цели, затоа отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е наш најголем приоритет, рече Маричиќ. Вицепремиерот додаде дека нема алтернатива за полноправно членство во Европската Унија и дека треба да ги започнеме преговорите што е можно поскоро, бидејќи, како што потенцира, ние го реализиравме нашиот дел и повеќе од што се очекуваше, сега е време ЕУ да го направи својот чекор напред. - Потребни ни се храбри одлуки за да се врати во фокус најуспешната политика досега, а тоа е политиката за проширување, земајќи го предвид потрошеното време чекајќи да се активира процесот на интеграција на Западен Балкан во Унијата, заклучи Маричиќ. Во рамки на панелот „Сонот и реалноста на еден европски регион“, Маричиќ кажа дека и Северна Македонија и Албанија избраа страна, и таа е јасна, дека „стојат заедно со своите евроатлантски партнери, како членки на НАТО и аспиранти за полноправно членство во ЕУ – усогласувајќи се целосно со безбедносните и надворешните политики на ЕУ“. - Никој не помислуваше дека денес, овде ќе треба да дебатираме за „перспективите за интеграција во ЕУ на Западен Балкан во време на кризи“, бидејќи перспективата обично е неизбежна со мир и просперитет. Денес, за жал, сме сведоци на конфликти на тлото на Европа, со последици и за Европската Унија, но и за нас, земјите од регионот. Затоа е важно да се заврши обединувањето на континентот, да се направи посилен и поотпорен на какви било сегашни или идни закани, рече Маричиќ. мс/са/

Остани поврзан