• вторник, 05 ноември 2024

Маричиќ: Поглавјето 20 патоказ за поконкурентна економија, преговорите со ЕУ важни за развојот на македонските бизниси

Маричиќ: Поглавјето 20 патоказ за поконкурентна економија, преговорите со ЕУ важни за развојот на македонските бизниси

Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Во Брисел денеска се одржува објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 20, „Претпријатија и индустриска политика“, на кој вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека имаме високо ниво на усогласеност во оваа област и оти Владата е посветена на создавање поволна и атрактивна бизнис клима за инвестиции и водење бизнис, преку развивање стратешки рамки.

- Ова поглавје е патоказ за поконкурентна економија и воведува нови европски стандарди во развојот на малите и средни претпријатија, како и во индустриската политика на земјата. Процесот на преговори значи и подготвка за поврзување со големите меѓународни компании и подобар пристап до изворите на финансирање, што несомнено е од интерес на македонските компании, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ истакна дека Директивата на ЕУ за борба против задоцнето плаќање, е поврзана со многу стратешки документи кои овозможуваат поволна деловна клима и принципи за економски развој и економски раст, инструменти за поддршка на конкурентноста, растот, иновациите, интернационализацијата и секторските политики, потенцирајќи дека Владата е посветена на создавање поволна и атрактивна бизнис клима за инвестиции и водење бизнис, преку развивање на стратешки рамки во оваа област.

- Ја усвоивме и Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2018-2023 година, а важно е да се спомене и дека сме во процес на развој на Стратегијата за паметна односно смарт специјализација, како нова стратегија за иновации и конкурентност. Овој документ е развиен во тесна соработка, следејќи ја методологијата на Заедничкиот истражувачки центар., а очекуваме да биде финализиран до крајот на оваа година, најави Маричиќ.

Како главниот стратешки документ, Маричиќ се осврна и на Индустриската стратегија на Северна Македонија 2018-2027 година, која ги интегрира мерките од Планот за економски раст и се фокусира на развојот на преработувачката индустрија.

На скрининг состанокот беше посочено дека изминатите години Северна Македонија работела на транспонирање на соодветната ЕУ легислатива во македонското национално законодавство и дека е постигнато високо ниво на усогласеност, а во тој контекст вицепремиерот Маричиќ рече дека Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска дисциплина, дополнително усогласен со Директивата за задоцнето плаќање (2011/7/ЕУ), веќе е усвоен од Владата и сега е во собраниска процедура.

Во однос на притисокот со кој се соочуваше Владата во изминатите години од КОВИД и енергетските и прехранбените кризи, Маричиќ посочи дека тоа силно влијаело врз компаниите и ја истакна важноста од усогласување на владините политики и инструменти за поддршка на компаниите во нивната работа, транзиција и раст.

- Во однос на одговорот на кризата со која се соочивме, како Влада на компаниите им понудивме сеопфатен пакет мерки за да им помогнеме во време на Ковид и развивме сет мерки за борба против притисокот од цените на енергијата, рече Маричиќ пред претставниците на Европската комисија.

По завршувањето на состанокот за Поглавјето 20, ќе се одржи и објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 29, „Царинска унија“. нд/aa/

Тагови

Остани поврзан