Маричиќ: Лидерската средба беше одличен чекор во вистинска насока, во наредните денови можеме да ги поместиме позициите
- Лидерската средба беше одличен чекор во вистинска насока и на таа средба се видоа условите и на Владата, односно на СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, и во наредните денови можеме да ги поместиме позициите, но тоа секако, треба да биде во реални рамки, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Скопје, 12 јуни 2023 (МИА) – Лидерската средба беше одличен чекор во вистинска насока и на таа средба се видоа условите и на Владата, односно на СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, и во наредните денови можеме да ги поместиме позициите, но тоа секако, треба да биде во реални рамки, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Маричиќ, во гостување на телевизија Сител, посочи дека треба да се продолжи од таму каде што застана лидерската средба, но тоа да биде во реални рамки и со разумен разговор.
- Ќе дадеме уште некоја шанса во наредните денови за опозицијата, сепак, да пристапи кон овие разговори за да можеме заеднички да го договориме и спроведеме планот за уставни измени. Доколку тоа не се случи и доколку апелите за разумен дијалог од наша страна не вродат со плод кај ДПМНЕ, ние секако дека ќе тргнеме во разговор со секој пратеник, рече Маричиќ.
Според Маричиќ, предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се движи во нереални рамки и надвор од преговарачката рамка, што значи повторно преговарање на рамката која што е веќе усвоена минатата година.
- Сметам дека е разумно и одговорно, да седнеме, сакаат тимски, сакаат поединечно, сакаат пак лидерска средба и да разговараме таму каде што застана лидерската средба, во наредните денови јас сум сигурен дек може да ги поместиме позициите, но доколку сето тоа биде во реални рамки. Ние може да бараме Бугарија да нема право на вето или да ги смениме правилата во ЕУ, во минатото сме се обидувале да ги смениме правилата во НАТО, не сме успеале и затоа треба да имаме разумен начин на разговор каде заедно ќе ја преземеме одговорноста, ќе ја споделиме одговорноста во таа заедничка влада и ќе им олесниме на граѓаните дека навистина имаме европска перспектива, истакна Маричиќ.
Маричиќ, посочи дека е несоодветно, да се тврди дека некој може да ни го земе јазикот и идентитетот, нагласувајќи дека постојат силни и јасни гаранции за македонскиот јазик и македонскиот идентитет во ЕУ.
-Мислам дека е многу несоодветно ние да тврдиме дека некој може да ни го земе јазикот и идентитетот, тоа не може да се случи, ние затоа го ставивме македонскиот јазик во преговарачката рамка, затоа инсистиравме да се потпише договорот Фронтекс на македонски јазик, затоа инсистиравме да се изведуваат скрининзите на македонски јазик. За да ја увериме целата јавност и ДПМНЕ дека веќе гарантиран ни е идентитетот. Во таа насока јас сум сигурен дека би имало расположение да разговараме, дали со ЕП или Советот, или каде и да е, да излезе таква реафирмација, очекуваме таква реафирамција, рече Маричиќ.
Во таа смисла, посочи Маричиќ, треба да бидат конструктивни и од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи веќе неколку држави членки во наредниот период можат тоа да го направат со свои ставови, и повика на разум кај опозицијата и продолжување на дијалогот. аа/вг/
Фото: МИА архива