• недела, 22 декември 2024

Маричиќ и Османи од Брисел: Да го искористиме позитивниот моментум во проширување и да не ја пропуштиме шансата за членство во ЕУ

Маричиќ и Османи од Брисел: Да го искористиме позитивниот моментум во проширување и да не ја пропуштиме шансата за членство во ЕУ

Брисел, 7 декември 2023 (МИА) - Ние гледаме напред кон позитивниот моментум на нашиот евроинтегративен пат, започнувајќи од усвојувањето на Преговарачката рамка минатата година, која беше клучна за нас и полна со предизвици, но истовремено и важна и со успеси, па се до крајот на скрининг состаноците, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач на земјава со ЕУ, Бојан Маричиќ во воведното обраќање на билатералниот состанок за „Поглавјето 31 - Заедничката надворешна и безбедносна политика“ од Кластерот 6, со чие затворање официјално завршува скрининг процесот на Северна Македонија. 

На состанокот, на кој присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу – Халили, вицепремиерот Маричиќ ја потенцираше важноста на успешното завршување на сеопфатниот циклус на скрининг процесот инициран со новата методологија за пристапување, нагласувајќи ја колективната решителност за унапредување на интеграцијата на земјава во Европската Унија. 

Тој воедно ја потенцираше посветеноста на државата за усогласување на нејзините политики со оние на Европската Унија, преку постојан ангажман во политичките дијалози. 

- Вреди да се напомене дека Република Северна Македонија активно се вклучува во редовните политички дијалози за прашања од надворешната и безбедносната политика на сите нивоа и тесно соработува со Европската Унија и другите партнери од Западниот Балкан. Како држава не само што го прифаќаме, туку и целосно го поддржуваме Аки-то наведено во Агендата за ова Поглавје, што сигнализира силна посветеност за усогласување на политиките со европските стандарди, порача Маричиќ.  

Тој истакна дека нашата држава е фокусирана на демонстрација на одговорност, решителност и учество и е важен чинител во регионот на Западен Балкан и на меѓународната сцена, како што беше забележано минатата недела во Скопје со одржувањето на Министерскиот состанок на ОБСЕ. 

Шефот на дипломатијата Османи во своето обраќање потенцираше дека доколку земјава не ги усвои уставните измени, нашиот европристапен пат ќе запре вештачки.  

- Тоа ќе биде историски испуштена шанса во оваа геополитичка ситуација во Унијата кога проширувањето е приоритет и геостратешка неопходност. Затоа, повторно упатувам повик да го обезбедиме потребното мнозинство во Собранието за да ја оствариме целта, која е од стратешко државно значење и е аспирација на мнозинството наши граѓани за припадност во евроатлантското семејство, која ниту една партија не може да ја игнорира особено ако претендира да предводи идна Влада, нагласи Османи. 

Во рамки на скринингот по оваа поглавје во состав на македонската делегација се претставници на министерствата за надворешни работи и за одбрана, како и на Секретаријатот за европски прашања. 

Земјава го започна скрининг процесот на 15 септември 2022 и тој се одвиваше согласно воспоставената динамиката, при што досега се одржани објаснувачки и билатерални скрининг состаноци за сите 33 поглавја кои се поделени во шест кластери. Во овој период во Брисел беа одржани 850 презентации, на кои присуствува 206 различни институции од земјава и приближно 1000 учесници.    

Оценка за успешноста и навремената реализација на скрининг процесот даде и Европската комисија во годишниот Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат, констатирајќи солидно ниво на усогласеност на нашето со европското законодавство.   

По завршувањето на скрининг процесот следува изработката на патоказите, кои се наша обврска од Преговарачката рамка и се услов за отворање на првиот кластер. Станува збор за патокази за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акциски план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците.  

Покрај, учеството на завршната сесија од скрининг процесот, вицепремиерот Маричиќ ќе има работни средби со потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за промоција на европскиот начин на живеење Маргаритис Схинас и со генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување (НЕАР), Герт Јан Копман, додека Османи ќе има билатерални средби со негови колеги од регионот, како и со високи претставници на ЕУ, меѓу кои и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји. сп/бак/

Фото: СЕП

Остани поврзан