• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ: Граѓаните сега се повеќе поврзани со ЕУ и со регионот, паѓаат трошоците за телекомуникациските услуги

Маричиќ: Граѓаните сега се повеќе поврзани со ЕУ и со регионот, паѓаат трошоците за телекомуникациските услуги

Скопје, 12 април 2024 (МИА) - Намалувањето на цените на роаминг тарифите меѓу земјите од Западен Балкан и кон Европската Унија се најголема придобивка од Берлинскиот процес, како и бесплатната безжична интернет мрежа на јавни простори во регионот на Западен Балкан како иницијатива на Европската Комисија во рамки на Планот за раст за Западен Балкан.

Ова е оценката на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на денешната средба со претставници на телеком операторите, на која, како што соопшти СЕП, присуствувале раководните лица на Министерството за информатичко општество и администрација, Македонски телеком, А1 Македонија, Агенцијата за електронски комуникации, Националната радиодифузија и Националната канцеларија за бродбенд компетентност.

Тој во изјава по средбата потсети дека со Декларацијата потпишана на Самитот на ЕУ – Западен Балкан во декември 2022 година во Тирана, започна процесот на намалување на цените во роаминг во регионот и кон Европа.

-Имплементацијата на Декларацијата за роаминг дава ветувачка слика. Операторите од Западен Балкан не само што ја исполнија ценовната граница за 2023 година, туку ги надминаа очекувањата. Сега тие нудат пакети под прагот на цените од планираното за 2026 година, што сигнализира значителен напредок. Уште повеќе, во Северна Македонија се отворија можности за дополнително усогласување на цените согласно со локалните стандарди за поголема достапност и пристапност за потрошувачите. Со поттикнување на континуиран дијалог и соработка, можеме колективно да се справиме со сите нови предизвици и да ги искористиме можностите за понатамошно подобрување и испорачување резултати на граѓаните, смета Маричиќ.

Додава дека како резултат на Планот за раст и на новата методологија за пристапни преговори, на последниот Самит на ЕУ со лидерите од Западен Балкан, една од придобивките се Wi-fi зони за Западен Балкан, односно формирање на безжична интернет мрежа на јавни простори за Западен Балкан.

- Тоа е мерка за поттик на локалните заедници во регионот да ја доближат поврзаноста до граѓаните, овозможувајќи им придобивки од бескрајните можности на дигитализацијата, како конкретен чекор кон заедничкиот дигитален пазар. За реализација на оваа мерка, Владата веќе ја усвои препораката за имплементација на јавни Ви-Фи точки во консултација со ЗЕЛС и локалните самоуправи. Тоа се чекори кои не трпат одложување на нашиот пат кон ЕУ, од кој, како што гледате, нема откажување, туку само одржување на континуитетот, порачал Маричиќ. вг/бак/

Фото: СЕП

 

 

Остани поврзан