• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ го пречека хрватскиот премиер Пленковиќ на скопскиот аеродром

Маричиќ го пречека хрватскиот премиер Пленковиќ на скопскиот аеродром

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ претпладнево на Меѓународниот аеродром „Скопје“ го пречека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој предводи државна делегација на Хрватска што денеска ќе престојува во посета на земјава.

- Во време кога сме поставени пред нови процеси и предизвици вистинските пријатели се со нас да споделат искуство и да дадат поддршка на европската интеграција на Северна Македонија. Срдечно добредојде за хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ со кој ќе имаме можност да дискутираме за нашите планови, за нови проекти, за иднината на регионот, напиша вицепремиерот Маричиќ на својот Фејсбук профил.

Пленковиќ за време на официјална посета на земјава ќе оствари средби во високи државни претставници. Домаќин на Пленковиќ ќе биде премиерот Димитар Ковачевски, кој со свечена церемонија ќе го пречека пред платото на Владата со највисоки државни и воени почести, по што ќе следи тет-а-тет средба на премиерите, како и пленарна средба на делегациите на двете земји.

Во фокус на разговорите ќе бидат евроинтеграциите и текот на преговорите со ЕУ, уставните измени, билатералните односи, унапредување на соработката во областите клучни за напредок во пристапниот процес кон ЕУ, а ќе бидат разгледани и можностите за нови инвестиции.

Пленковиќ ќе биде примен и од шефот на државата Стево Пендаровски и од собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието. сп/

Фото: СЕП

 

Остани поврзан