• недела, 22 декември 2024

Манифестација Деновите на Смилевскиот конгрес - културна револуција и авторска уметност на промотивниот настан

Манифестација Деновите на Смилевскиот конгрес - културна револуција и авторска уметност на промотивниот настан

Скопје, 12 април 2024 (МИА) - Новата национална установа Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ преку неофицијална програма започна со славење на историјата и културата. Музичките настани кои се организираат во чест на Смилевскиот конгрес се своевидна културна револуција со израз на авторската уметност, соопшти вечерва Министерството за култура.

Директорот на установата, Владимир Деловски, нагласи дека концертот под името „Кооперација сешн“ е поттикнат од значењето на постојаната соработка на уметниците и културните работници преку која се оддава почит на традицијата и на македонскатра историја. 

-Кооперацијата е како културна институција, како белег од минатиот век, ми се чини како познат извик од времето на моите родители, како повик кон ближен човек, што на истите струни ги произведува истите треперења. Новиот културен Смилевски конгрес, калем на историската вредност и прилагоден во новиот контекст и време, ја продолжува истата таа борба, овој пат културна борба, рече Деловски пред публиката.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на почетокот на одбележувањето на Смилевскиот конгрес, на настанот Кооперација, селското бифе - синоним на заедништво и кооперативност. Местото каде што новоформираната установа „Денови на Смилевски конгрес“- Смилево започна да ги афирмира програмските идеи за промоција на историјата и традицијата на револуционерите од Илинденското востание.

Вечерва во кооперацијата се одржа првиот концерт од серијата „Кооперација сешн“, на кој настапија мистичната и харизматична „Мојра“ со маестралниот музичар Оливер Јосифовски („Љубојна“).

Како што соопшти Министерството за култура, Костадиновска -Стојчевска ја поздравила иницијативата и за современиот приод за промоција на македонската култура, фолклор, историја и традиција со кој се отвораат нови можности за афирмација на историскиот настан, значаен за државата, но и се промоција на прекрасниот крај на Смилево.

„Кооперација сешн“, како што најавува организаторот е номадска платформа за квалитетна авторска музика, која ќе се изведува низ кооперациите во регионот.

Централната манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ ќе се одржи на 17 и 18 мај во Смилево. ев/мд/

ФОТО: Министерство за култура 

Остани поврзан