• сабота, 23 ноември 2024

Мандиќ: Реконструкција, нова влада или вонредни избори во Црна Гора

Мандиќ: Реконструкција, нова влада или вонредни избори во Црна Гора
Подгорица, 5 октомври 2021 (МИА) - Претседателот на Нова српска демократија и еден од лидерите на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ рече дека Владата на Црна Гора не заслужува преодна оценка, додавајќи дека 41 пратеник на владејачката коалиција смета дека сегашната ситуација е неодржлива. Мандиќ за Адриа телевизија изјави дека премиерот Здравко Кривокапиќ, за време на формирањето на Владата на Црна Гора на 4 декември минатата година, побарал 200 дена за да го оцени нејзиното влијание. - Кога се анализира што направи Владата на Црна Гора во тој период, какви беа очекувањата и изборните ветувања - може да се каже дека извршната власт не заслужува преодна оценка, рече Мандиќ. Тој додаде дека по тие 200 дена објавиле дека Владата во овој состав ја нема поддршката. - И оттогаш, до денес, имаме разговори, преговори, се зголеми бројот на политички субјекти, кои исто така изразија незадоволство од работата на Владата. Сега, сите 41 пратеник сметаат дека моменталната ситуација е неодржлива, истакна Мандиќ. Тој наведе неколку начини „за излез од кризата во Црна Гора“. - Еден начин е реконструкцијата на Владата, за што, во овој момент, најголем број пратеници се „за“. Вториот е избор на нова влада, и ако ниту еден од овие два не се постигне, тогаш на крајот сигурно ќе следи третиот начин, а тоа е да ги прашаме луѓето како ќе се работи понатаму, рече Мандиќ. паг/  

Остани поврзан