• петок, 05 декември 2025

Мандатот на цивилната мисија на ЕУ во Молдавија продолжен за уште две години 

Мандатот на цивилната мисија на ЕУ во Молдавија продолжен за уште две години 

Брисел, 21 мај 2025 (МИА) - Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување на мандатот на Партнерската мисија на Европската Унија во Молдавија (ЕУПМ) за уште две години до 31 мај 2027 година, при тоа одредувајќи и буџет за тој двогодишен период во износ од над 19,8 милиони евра. 

Покрај продолжувањето, Советот и го видоизмени мандатот на ЕУПМ, давајќи му поголема улога во обезбедувањето стратешки совети за молдавските власти во безбедносниот сектор. 

По повод продолжувањето на мандатот на ЕУПМ, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас порача дека преку оваа мисија Унијата и помага на Молдавија за зајакнување на својата кибер безбедност и подобрување на одбраната од хибридни закани. 

- Откако Русија ја започна својата целосна инвазија врз Украина, Молдавија доживеа повеќе обиди за поткопување на нејзините демократски институции. Поддршката на ЕУ за посилна и поотпорна Молдавија е инвестиција во нашата сопствена безбедност, како и во патот на Молдавија кон членство во Европската Унија, истакна Калас. 

Мисијата ЕУПМ Молдавија беше воспоставена во април 2023 година со цел подобрување на отпорноста на безбедносниот сектор на земјата во сферата на справување со кризи и хибридни закани, вклучувајќи ја кибер безбедноста и справувањето со манипулациите и странското мешање. Шеф на Мисијата е Космин Динеску, а командант за цивилни операции е Стефано Томат. сп/ 

Фото: ЕЕАС 

Остани поврзан