• петок, 05 декември 2025

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица подготвен за достојно одбележување на славата

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица подготвен за достојно одбележување на славата

Дебар, 5 мај 2025 (МИА) - Познатиот божји храм, манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, е подготвен за достојно одбележува на патронот и небесен застапник, светиот великомаченик Георгиј Победоносец, каде веќе се пристигнати верници и од други градови. 

Вечерва, а посебно утре се очекува поголемо присуство на верници од повеќе градови во земјава, како и поранешни жители и нивни потомци, кои сега живеат во Дебар, но повеќето во Охрид, Битола и Скопје.

Одбележувањето, традиционално почнува вечерва, кога со почеток во 18  часот ќе се отслужи празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстои епископот Антаниски г. Партениј.

Утре, на денот на славата, во 7:30 часот ќе се отслужи  празнична Утрена богослужба а Божествената архиерејска литургија ќе започне во 8:45 часот и со неа ќе чиноначалствува владиката Партениј, заедно со свештенослужителите од Свештената бигорска обител.

Како што претходно објави манастирот, благослов да присуствуваат имаат сите кои сакаат заедно со бигорското братство и раичкото сестринство да му оддадат чест и да упатат молитви кон светиот великомаченик Георгиј Победоносец.

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“, инаку метох на Бигорскиот манастир е женски манастир, и се наоѓа на околу два километра од Дебар. Првиот храм кој се наоѓал на истото место каде што е денешниот е направен во XVI век, кој пак, е изграден во XIX век, 1835 година. Тоа е времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на владиката Партениј, тогаш игумен на Бигорскиот манастир, манастирот беше возобновен, а и реорганизиран во женски манастир кој и денес е под духовно раководство на епископот Партениј. 

Втората манастирска слава на манастирот е Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден, што е поврзана со денот, кога пред повеќе од две децении, почна возобновувањето на конаците, а според преданието, токму на Крстовден биле поставени темелите на стариот претходен манастир.вт/

Фото: МИА

Остани поврзан