• четврток, 26 март 2026

Манасиевски: Филипче дозволил градба на модуларната болница во Тетово во која не смеело да се обавува здравствена дејност

Манасиевски: Филипче дозволил градба на модуларната болница во Тетово во која не смеело да се обавува здравствена дејност

Скопје, 31 мај 2025 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција го обвини лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство Венко Филипче дека ковид болниците, меѓу кои и модуларната болница во Тетово во која во пожар починаа 14 лица, се бесправно и противзаконски поставени.  

- Модуларните ковид болници се бесправно и противзаконски поставени и не смеат да бидат користени за вршење на каква било здравствена или медицинска дејност. Оттука, го прашуваме Филипче, дали провизиите чинеа повеќе од животот на граѓаните? Зошто одобрил изградба на модуларни болници противзаконски? Зошто модуларните болници ги квалифицирале како стоки, во кои никако не смее да се обавува здравствена дејност, изјави на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. 

Министерството за здравство, потсети тој, во времето на Венко Филипче дозволило изградба на шеснаесет ковид модуларни болници низ територијата на целата земја, кои не исполнуваат минимални стандарди. За време на Ковид кризата, Светската Банка му даде 30 милиони евра на МЗ за справување со Ковид кризата, односно набавка на лекови, опрема и меѓу другото, изградба на нови 16 модуларни болници.

-Светска банка, проценила дека МЗ нема капацитети да ги менаџира овие пари, па парите се даваат на проектна единица во МТСП, да ги спроведе сите набавки согласно меѓународните правила за потребите на МЗ. Спроведувањето на набавката го прави МТСП, а техничките спецификации и усогласеност на постапка според законски и подзаконски акти за здравствени објекти, го прави лице од МЗ, назначено од Венко Филипче, рече Манасиевски.

Според него, спорна е техничката спецификација, која ја прави одговорното лице назначено од Венко Филипче, каде што подоцна се констатира, дека не е во согласност со ниту еден стандард за изградба на објекти од областа на здравството.

- Не се почитувале Законот за градење и Законот за здравствена дејност, и не се почитувале минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии. Исто така многу важно за овој случај, е што овие болници се набавени и поставени како стоки, а стоки во ниту еден случај не можат да бидат користени како објект во кој се обавува здравствена дејност, рече Манасиевски. 

Пред да се случи пожарот во модуларната болница каде загинаа 14 наши сограѓани, наместо да се подобрат стандардите на болниците, додаде тој, Министерството за транспорт и врски, по предлог на Владата, го променила законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема за чие поставување одобрение ќе издава МЗ или тогашниот министер, Венко Филипче.

-Овие болници не се запишани во катастар, немаат добиено одлука од Влада за трајно користење и немаат одобрение за употреба по правилник за простор опрема и кадар. За овие работи, има евиденција во проектната единица во МЗ и истата е предадена на Јавното обвинителство за организиран криминал на ден 12.12.2023, рече Манасиевски. ев/

ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ

 

 

Остани поврзан