• недела, 22 декември 2024

Мамер: Фон дер Лајен планира во вторник да ја претстави новата Еврокомисија 

Мамер: Фон дер Лајен планира во вторник да ја претстави новата Еврокомисија 

Брисел, 13 септември 2023 (МИА) - Предвидено е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во вторник пред Европскиот парламент во Стразбур да го презентира составот на новиот Колеџ на комесари, изјави денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер во одговор на прашање дали следната недела ќе бидат објавени имињата и ресорите на новите еврокомесари и покрај незавршената посатка во Словенија за номинирање на кандидатот за еврокомесар. 

- Има многу време до вторник. Во политиката и 24 часа се доволни кога е во прашање спроведување на институционални процедури. Намерата е претседателката во вторник да присуствува на Конференцијата на претседателите (на ЕП) и да го претстави составот на Колеџот на комесари. Свесни сме за ситуацијата во овој момент и ќе види како ќе се одвиваат работите до тогаш, истакна Мамер. 

Запрашан дали ЕК го добила барањето од Европскиот парламент да му биде доставено писмото што Фон дер Лајен наводно го испратила до словенечкиот премиер Роберт Голоб со барање за промена на кандидатот за еврокомесар Томаж Весел кого претходно го предложи Словенија, Мамер изјави дека нема конкретни информации за тоа прашање и согласно политиката на Комисијата нема да коментира случувања што се однесуваат на други институции на ЕУ. 

Тој додаде дека во овој случај соговорник на ЕК е Владата на Словенија која треба да го достави предлог-кандидатот за еврокомесар и дека Комисијата е свесна оти има национални процедури што мора да се испочитуваат. 

- За ова прашање сме во контакт со словенечките власти и така и ќе остане се до завршувањето на овој процес, истакна Мамер.  

Фон дер Лајен требаше во средата да го презентира предлог-составот на нејзината нова Комисија пред членовите на Конференцијата на претседателите на ЕП, која ја сочинуваат претседателката и потпретседателите на Европарламентот и првите луѓе на пратеничките групи, но состанокот на нејзино барање беше одложен за следната недела, кога во Стразбур се одржува пленарно заседание на Парламентот. Официјално, Фон дер Лајен побарала одлагање на средбата додека не добие официјална номинација на словенечката кандидатка за еврокомесарка Марта Кос.   

Повлекувањето на Весел уследи по информациите дека Фон дер Лајен побарала од некои земји членки, меѓу кои и Словенија, да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, со цел да се постигне колку што е можно поголема родова еднаквост во новото извршно тело на ЕУ. Претходно и Романија го замени својот кандидат за еврокомесар со кандидатка. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан