• четврток, 04 декември 2025

Малолетник осомничен дека се обидел да го убие сопствениот татко

Малолетник осомничен дека се обидел да го убие сопствениот татко

Скопје, 6 септември 2025 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до надлежен судија за деца поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема 17-годишно дете во судир со законот, за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие што со закон е определено како  кривично дело – Убиство по член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Како што соопшти попладнево ЈОРМ, вршејќи семејно насилство во сопствениот дом на улицата “Христијан Тодоровски Карпош” во Скопје, малолетникот со умисла се обидел да го лиши од живот својот татко.

-Додека таткото бил во спалната соба, детето му пришло зад грб и со остар предмет му нанело 10 убодни рани. Во близина била мајката, која успеала да го оттурне детето и веднаш да повика медицинска помош. И по извршен оперативен зафат на Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, таткото е во живото-загрозувачка состојба, наведуваат од ЈОРМ.

Со барањето за поведување подготвителна постапка во согласност со Законот за правда за децата, јавниот обвинител предложи на малолетникот да му биде определена и мерка притвор, стои во соопштението. вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан