• недела, 22 декември 2024

Малите одгледувачи на свињи во Кочанско не знаат кога повторно ќе можат да чуваат животни поради африканската чума

Малите одгледувачи на свињи во Кочанско не знаат кога повторно ќе можат да чуваат животни поради африканската чума

Кочани, 26 февруари 2023 (МИА) – Одгледувачите на свињи од кочанскиот регион, кои на семејните фарми чуваа по едно до две грла за сопствени потреби, сè уште не знаат кога повторно ќе ги наполнат одгледувалиштата поради болеста африканска чума.

Загрижени се што по повеќе од половина година откако беа преземени ветеринарно-санитарните мерки поради неколку заболени животни, во селата во општина Чешиново-Облешево беше направена сериозна депопулација на домашните свињи.

-Живееме на село, а не можеме да произведуваме месо за сопствени потреби, туку мораме да го купуваме во градските месарници и супермаркети. Наместо да произведуваме наша, поевтина храна, не ни е дозволено, а не знаеме зошто иако сега нема епидемија, нема ништо. Побаравме одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство, но сè уште немаме добиено повратна информација дали и кога повторно ќе можеме да чуваме свињи, истакна Здравко Арсов од Облешево.

Одгледувачите стравуваат дека чувањето свињи за сопствени потреби може да стане минато ако продолжат ригорозните здравствени мерки.

-Новите мерки, правени по европски терк, во нашата земја ќе доведат до искоренување на семејното одгледување на една до две свињи. Мислам дека нема да може секој да чува, туку ќе им биде дозволено само на одредени фарми. Ќе бидеме принудени да се откажеме од домашното свињарство и воопшто да не произведуваме свинско месо за свои потреби, истакна Тони Максимов од Облешево.

Сточарите нагласуваат дека скоро 90 отсто од големите и мали одгледувачи на свињи се веќе обештетени, откако заболените и ризичните животни им беа одземени и уништени. Во меѓувреме, затворен остана сточниот пазар во Облешево кој е еден до најголемите во источниот регион на државата.

Африканската свинска чума предизвика сериозни економски штети што допрва треба да се утврдат, а проценките се дека поради ширењето на болеста беа уништени околу 3.500 свињи во целата држава.та/бт/

Остани поврзан