• недела, 22 декември 2024

Малеј победи на претседателските избори во Аргентина

Малеј победи на претседателските избори во Аргентина

Буенос Аирес, 20 ноември 2023 (МИА) - Либертаријанскиот аутсајдер, Хавиер Малеј победи на претседателските избори во Аргентина, земја зафатена од троцифрена инфлација, претстојна рецесија и зголемена сиромаштија. Целосните резултати не се објавени, но неговиот ривал, перонистичкиот министер за економија Серхио Маса, во својот говор по гласањето ја призна победата на Малеј.

Актуелниот аргентински претседател Алберто Фернандез по објавувањето на неофицијалните изборни резултати изјави дека „верува дека може да почне да работи со Хавиер Малеј за да гарантира уредна транзиција“. 

Привремените резултати, по преброени речиси 90 отсто од гласачките ливчиња, покажаа дека Малеј има речиси 56 отсто од гласовите наспроти 44 отсто за Маса.

-Демократијата е гласот на народот и таа секогаш мора да се почитува. Им честитам на аргентинските институции за спроведувањето на изборниот процес и на аргентинскиот народ кој учествуваше на денот на изборите на уреден и мирен начин. На новата влада и посакувам среќа и успех, изјави бразилскиот претседател Луис Инасио Лула Да Силва.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, му честиташе на Малеј за неговата победа, пишувајќи на социјалните мрежи дека со нетрпение очекува да изгради силна врска заснована на човекови права, демократски вредности и транспарентност.

На аргентинскиот либертаријанец (слободар) му честиташе и поранешниот американски претседател Доналд Трамп. 

„Целиот свет гледаше! Јас сум многу горд на тебе. Ќе ја свртиш својата земја и навистина ќе ја направиш Аргентина повторно голема“, напиша Трамп во честитката на социјалните мрежи.

Малеј, самопрогласен анархокапиталист, им вети на гласачите радикален пресврт: сака да ја укине централната банка и националната валута и да ги замени со американскиот долар, да укине бројни министерства и радикално да ги намали распределбите на социјалната политика.

Радикалната програма како што предлага Малеј е особено популарна меѓу младите луѓе кои познаваат само постојани кризи во нивните животи и се разочарани од политичкиот естаблишмент и сакаат нешто сосема ново.

За време на кампањата, тој ги нарекуваше своите конкуренти „политичка каста“, „комунисти“, „паразити“ и „пијавици“, а политичките митинзи ги водеше со моторна пила, симболизирајќи ја неговата намера да ги „исече“ државните трошоци. Всушност, на економската страна, тој се залагаше за целосен пресврт во економските политики што Аргентина ги спроведува околу сто години и кои ја доведоа до сегашната состојба. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан