Малезискиот суд ги отфрли обвиненијата за корупција против поранешниот премиер Наџиб Разак
- Судот во Малезија денеска ги отфрли обвиненијата за корупција против затворениот поранешен премиер Наџиб Разак.
Куала Лумпур, 27 ноември 2024 (МИА) - Судот во Малезија денеска ги отфрли обвиненијата за корупција против затворениот поранешен премиер Наџиб Разак.
Разак, заедно со поранешниот министер за финансии Ирван Серигар Абдула, беше обвинет за шест точки од обвинението за злоупотреба на 1,4 милијарди евра од јавните средства наменети за Меѓународната нафтена инвестициска компанија од Абу Даби.
Наџиб претходно беше осуден и за корупција во врска со скандал со државниот фонд 1 МДБ и почна да отслужува затворска казна во 2022 година, откако ја изгуби жалбата во случајот.
- Судот во Куала Лумпур ги отфрли обвиненијата против двајцата откако утврди дека процедуралните доцнења и неуспехот на обвинителите да ги предадат документите биле неправедни за одбраната, рече адвокатот на Наџиб.
Тоа не е ослободителна пресуда, бидејќи обвинителите го задржуваат правото повторно да ги отворат обвиненијата против нив.
Наџиб го основал фондот 1 МДБ веднаш по преземањето на власта во 2009 година. Истражителите велат дека повеќе од 4,2 милијарди евра биле украдени од фондот и испрани од неговите соработници за финансирање холивудски филмови и екстравагантни набавки.
Скандалот силно ја погоди владата на Наџиб и тој беше поразен на изборите во 2018 година
Во октомври, Наџиб јавно се извини за скандалот и повторно се изјасни за невин. паг/
Фото: МИА архива