• недела, 22 декември 2024

Макрон, Сиси и Абдула побараа траен прекин на огнот во Газа

Макрон, Сиси и Абдула побараа траен прекин на огнот во Газа

Париз, 9 април 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон, египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори повикаа на траен прекин на огнот во Газа и решение со две држави.

„Соочени со неподнослив број жртви, ние, шефовите на државите на Египет, Франција и Јордан, бараме итно и безусловно спроведување на резолуцијата 2728 на Советот за безбедност на Обединетите нации“, се наведува во заедничката изјава.

Се додава дека „решение со две држави“, односно договор за прекин на огнот што вклучува постоење на две независни држави е единствената „сигурна опција за гарантирање на мирот и безбедноста“.

Тројцата лидери, исто така, предупредија на опасни последици доколку Израел ја изврши планираната офанзива во Рафа, каде што во моментов се наоѓаат повеќе од еден милион Палестинци кои избегаа од израелското бомбардирање.

Повикот за прекин на огнот од Макрон, Сиси и Абдула Втори е испратен пред мировните преговори меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во Каиро. паг/

Фото: МИА архива

 


 

Остани поврзан