• петок, 22 ноември 2024

Македонците од село Оржаново во областа Голо Брдо со нов пат што ги поврзува со главниот пат за Острени

Македонците од село Оржаново во областа Голо Брдо со нов пат што ги поврзува со главниот пат за Острени

Дебар, 6 септември 2023 (МИА) - Општина Булќиза започна со градежни активности на патот што го поврзува селото Оржаново, област Голо Брдо, со главниот пат за Острени, седиште на истоимената административна единица.

-На патот кој до сега беше макадам,  се врши проширување, ќе бидат  поставени подлоги и слоеви чакал, а ќе  бидат изградени  и странични канали. Во втората фаза ќе биде и асфалтиран, објави Фестиме Мјештри, градоначалничка на општина Булќиза.

Жителите искажуваат благодарност што конечно се  решава овој голем проблем, зашто, како што велат, и во 21 век се движат по макадамски патишта.

Претходно со инвестиција на локалната власт беше подобрена  состојбата на патот до селото Лешничани, а Македонците од селото Клење  самоиницијативно реализираа активност за уредување на патот што ги поврзува со село Стеблево.

Исто така, градоначалничката Мјештри,  објави дека пред новата учебна година, која треба да почне од средината на месецот реализирани се неопходни зафати во училишниот објект во село Мало Острени, со цел учениците да имаат што подобри услови за нормално одвивање на воспитно образовниот процес.

Областа Голо Брдо ја сочинуваат 22 села, главно населени со Македонци и се вбројува во најнеразвиените области во Албанија. вт/вј/

 

Фото: Мјештри ФБ

Остани поврзан