• недела, 22 декември 2024

Македонското друштво „Преспа“ упати проглас за семакедонско помирување и обединување во Албанија

Македонското друштво „Преспа“ упати проглас за семакедонско помирување и обединување во Албанија

Дебар, 5 јули 2024 (МИА) – Македонското друштво „Преспа“ упати проглас за семакедонско помирување и обединување во Албанија, како што се наведува, „соочени со агресијата на бугарскaтa асимилација на Македонците во Албанија и свесни за последиците од антимакедонизмот на Софија во Албанија“. Претседателот на друштвото, Едмонд Темелко за МИА изјави дека се повикува на семакедонско помирување и обединување за одбрана на идентитетот на македонскиот народ - името, јазикот, културата, историјата и територијата, затоа што, како што посочува, обединети и единствени сме посилни од сечија агресија и обиди за денационализација и асимилација. 

- Од суштинско значење е семакедонското обединување во Албанија. Не час туку минута побрзо неопходно е наше единство, за да може да опстанеме како Македонци, она што со векови сме биле, сме и ќе бидеме ако не дозволиме друг да одлчувува за нашиот идентитет. Порачувам до нашата единствена партија, МАЕИ, да биде цврт столб и заедно со друштвата да се бориме за интересите и заштита на македонскиот идентитет, култура и традиција, рече Темелко.

Посочи дека во прогласот стои дека се отфрлаат резултатите од минатогодишниот попис во Албанија одржан од 18 септември до 30 октомври па продолжен до 15 ноември 2023 година и, вели Темелко, ги сметаат за груб фалсификат, бидејќи не ја отсликуваат реалната бројка на етничките Македонци во Албанија. 

- Изразуваме загриженост од објавата на Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) дека во Албанија живеат  2.281 “Северномакедонци”, иако на пописот во 2011 година биле регистрирани (ни тогаш прифатливи) 5.512 Македонци. За груб пописен фалсификат ја сметаме објавената бројка од 7.957  “Бугари” во Албанија, повеќе од пописот во Македонија во 2021 година - 3.504. И натаму тврдиме дека, во Албанија „етнички Бугари“ нема, во ниту еден попис од 1923, кога е спроведен првиот попис,  до 2023 година не постои макар и еден “Бугарин” на целата територија на Албанија, стои во прогласот, вели претседателот на „Преспа“. 

Најостро се осудува употребата на терминот „Северномакедонци“ од ИНСТАТ и употребата на име на земја како супститут за македонската етничка заедница во Албанија, која веќе е призната во Законот за заштита на националните малцинства во Албанија од 2019 година.

-Бараме градоначалникот на општина Пустец и Македонците во Албанија да ги отфрлаат сите посети и секоја материјална помош од бугарскиот амбасадор во Тирана, Владата во Софија и разни бугарски фондации, затоа што Бугарија тоа го прави да прикаже пред светот дека Македонците се Бугари во Албанија, се нагласува понатаму. 

Се додава дека етничките Македонци се лојални албански државјани и претставуваат „неотуѓив, нераскинлив и неостапен дел од македонскиот народ како носител на државноста во Македонија“.

-Со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен содржател. Со Македонија не има, без Македонија сите заедно ќе не снема! Македонија е нашата матична држава, порачуваат од друштвото.

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, поднесе пријава за учество на локалните избори, што ќе се одржат на 14 мај.

Бараат вонреден изборен конгрес на единствената македонска партија во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција за сите органи на сите нивоа, заради кадровска консолидација и единство, а се изразува подготвеност сами да организираат неформален попис на Македонците во Албанија, поради „недовербата во Институтот за статистика на Албанија“.

-Апелираме до Албанската Влада да ги заштити македонските права и слободи во Албанија од бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Бугари. Бараме одговорност од Владата на Албанија, затоа што овозможи бугарската амбасада во Тирана и бугарската влада во Софија грубо да се мешаат во внатрешните работи на Албанија за време на одржувањето на пописот со поткуп и делење бугарски пасоши во населените места каде живеат Македонци во Албанија. Ја повикуваме Владата на Македонија на грижа за правата и слободите и положбата на македонската заедница во Албанија, се додава во прогласот.

Од Европската Унија се бара да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, давајќи им бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради лошата економска ситуациа во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се „Бугари”.

-Ги повикуваме на единство сите Македонци од Албанија кои живеат и работат во светот заради одбрана на македонскиот идентитет во Албанија пред институциите на власта во Албанија и Македонија и пред меѓународните организации за човекови и граѓанските права и слободи. Овој Проглас ќе го потпишат сите заинтересирани страни, стои на крајот од прогласот на друштвото „Преспа“ за семакедонско обединување. вт/ев/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан