• петок, 22 ноември 2024

Македонскиот институт за медиуми ги додели наградите „Никола Младенов 2020“

Македонскиот институт за медиуми ги додели наградите „Никола Младенов 2020“
 
Скопје, 25 мај 2021 (МИА) - Истражувачката репортерска лабораторија - ИРЛ е добитник на годинешната награда за најдобра истражувачка сторија помеѓу трите новинарски награди „Никола Младенов 2020“ кои ги додели Македонскиот институт за медиуми. Најиновативен новинарски производ во 2020-та година имаше новинарот Александар Манасиев, а најдобрата репортерска фотографија, според МИМ, ја направи фоторепортерката Арбнора Мехмети.
 
Комисијата која одлучуваше за наградите беше составена од Весна Коловска, уредничка во националното радиo Канал 77, Сеат Џигал, комуниколог, Фејми Даут, кинематограф, Верица Јорданова, претседателка на Управниот одбор на Македонскиот институт за медиуми и Билјана Петковска, директорка на МИМ.
 
- Изминатата година новинарите посветено и квалитетно
истражуваа за многу значајни прашања од интерес на граѓаните. Помеѓу пријавените стории изразен е интерес за обработка на теми од корупција во образованието, животна средина, урбанистичко живеење и здравство, сподели директорката на МИМ, Билјана Петковска.
 
Дополни дека е впечатливо што овие општествени аномалии се прикажани низ призма на ефектите што ги создаваат врз животите на сиромашните, болните и маргинализираните граѓани.
 
За најдобра истражувачка сторија свое авторско дело пријавиле 19 автори со 29 стории обработени низ 66 текстови и видео-прилози. Помеѓу нив, најдобра беше истражувачката сторија на Истражувачката репортерска лабораторија за серијалот текстови на тема „Пандемско профитерство – другата страна на приказната за Ковид-19“.
 
 
- Ваквите награди и ваквите собири каде што доаѓаат драги, вредни колеги и организации кои што го поддржуваат слободното новинарство се од огромно значење, огромна мотивација и поттик да продолжиме да работиме понатаму, рече Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија.
 
Со јубилејното 20-то доделување на наградите, МИМ оваа година го редизајнираше концептот и одлучи да воведе две посебни категории на награда за најиновативен новинарски производ и најдобра фотографија, отворајќи можност за поддршка и за афирмација и на други форми на новинарско изразување.
 
 
Помеѓу најиновативните биле пријавени 18 стории обработени низ 31 текст и видео прилози од 11 автори, помеѓу кои најиновативен беше Александар Манасиев со мултимедијалната сторија „Тивките балкански убијци“ што ја обработува темата за влијанието на термоцентралите врз животната средина, објавена на Интернет платформата „Види вака“.
 
 
- Мислам дека иновацијата треба да биде во срцето на сите редакции поради турбулентното време во кое живееме, публиката се промени, начинот на кој се консумираат вестите се промени. Така што, колку и да се добри анализите и истражувањата, за да досегнат до онаа публика која денеска ги консумира вестите мора да се направи на различен начин, сподели Манасиев, заблагодарувајќи се за наградата.
 
Се надевам дека следната година ќе имаме уште поубави фотографии, кажа фоторепортерката Арбнора Мехмети, заблагодарувајќи се за наградата за најдобра фотографија.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Фотографијата на тема „Две патки поминуваат на пешачки премин за време на полициски час“ објавена во дневниот весник „Слободен печат“ од фоторепортерката Арбнора Мехмети беше избрана за најдобра помеѓу 26-те пријавени фотографии од девет автори.
 
 
Оваа награда Институтот ја доделува од 2011 година, со тоа што во 2013-та таа е именувана во името на новинарот и сопственик на неделникот „Фокус“, ,,Никола Младенов". Наградите се доделуваат традиционално дваесетти пат, како дел од заложбите на МИМ за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. ар/скс/

Остани поврзан