Македонската статистика осум децении сведок на општествените и демографски промени, економскиот раст и социјалните текови
- Осум децении официјалната статистика е сведок на општествените промени, на економскиот раст, на демографските промени, на социјалните текови и на секој обид како држава да изградиме подобро утре. Од рачно собрани податоци, до дигитални платформи, од статистички годишник во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани, вели директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков, во МИА Интервју по повод 80 години од основањето на Државниот завод за статистика.
Скопје, 1 јуни 2025 (МИА) – Осум децении официјалната статистика е сведок на општествените промени, на економскиот раст, на демографските промени, на социјалните текови и на секој обид како држава да изградиме подобро утре. Од рачно собрани податоци, до дигитални платформи, од статистички годишник во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани, вели директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков, во МИА Интервју по повод 80 години од основањето на Државниот завод за статистика.
2025 е прогласена за година на македонската статистика и по тој повод во МИА Интервју директорот на статистика Станков, вели дека паралелно во текот на оваа година се организраат повеќе настани, активности и работилници со цел да се зголеми свесноста за важноста на официјалните статистички податоци и нивната употреба во носењето на одлуки и стратегии.

Прашан зошто е важно користењето на официјални статистички податоци, Станков, вели дека добрата одлука почнува со точна статистичка анализа.
-Нашите одлуки во секојдневниот живот, и како сопственици на компании, како дел од академската заедница добро е да ги носиме врз основа на докази и факти, а нема поверодостојни факти од тоа што Државниот завод за статистика го произведува и објавува на својата веб страница, рече Станков.
Со цел статистичките податоци да бидат препознаени како прв избор при користење на податоци, Станков, посочува дека ДЗС од неодамна има нова модернизирана веб страница, пресонализиран пристап на прибирање и управување со податоците, ребрендирање и нов визуелен идентитет.
-Истовремено сме присутни на социјалните медиуми и работиме на зајакнување на партнерскиот однос со студентите. Наши експерти се присутни на предавањата на факултетите, а заедно со студентите и во соработка со академската заедница изработивме ново лого и нов слоган по повод 80 години. Паралелно започнавме со градење на еден нов визуелен идентитет кој што означува покрај новата веб страница и нов урл, нашиот домејн е stat.mk, и сето ова е дел од процесот на доближување на статистичките податоци до јавноста, вели Станков.
Потврда за квалитетот и усогласеноста на нашите статистички податоци со европските, Станков вели дека е фактот што нашите податоци подлежат и на процес на трансмисија и валидација од страна на Евростат, што значи дека станува збор за податоци со соодветен квалитет компаративно со земјите членки на ЕУ, а истовремено како земја сме членкa на највисокиот статистички стандард на Меѓународниот монетарен фонд.

-Во делот на Извештајот на ЕК за напредокот на земјата за 2024 година за Поглавјето 18, е констатирано дека земјата во областа на статистиката е помеѓу умерено и добро ниво на развиеност, а е детектирана висока усогласеност во делот на статистичката инфраструктура и констатиран дополнителен напредок, нагласува Станков.
Статистиката е движечка цел, постојано се менува и барањата на ЕУ во областа на статистичките податоци се зголемуваат, и посочува дека традиционално во извештаите на ЕК се нотира дека потребно соодветно екипирање на Заводот за статистика и дополнително вложување на ресурси.
-Факт е дека во изминатиот период институционалниот капацитет на заводот е намален, како резултат на одлив на кадар поради објективни и субјективни причини. Тоа е еден од најголемите предизвици за заводот во идниот период, меѓутоа и потребата од соодветно инвестирање во статистичка и информатичка инфраструктура и детектирање на оние можности кои што сега ги нуди процесот на дигитализација, изјави Станков.

ДЗС, Станков нагласува дека, се труди да фати чекор со модерните европски земји, и посочува дека годинава започнуваат процес на целосна обнова на информатичката инфраструктура во заводот.
Во рамки на одбележувањето на овој значаен јубилеј, Државниот завод за статистика, утре на 2 јуни организира свечена академија на која, како што е најавено, ќе учествуваат претставници на 12 европски статистички уреди.
Настанот е поделен на две панел дискусии. Првата панел дискусија се однесува за процесот на хармонизација и усогласување на домашното законодавство со европската легислатива од областа на статистиката и важноста на официјалните статистички податоци во процесот на пристапување на ЕУ, додека втората панел дискусија се однесува на тоа каде се движи националната и европската статистика во следните децении во процесот на дигитализација и можностите кои што ги нуди вештачката интелигенција.
Александар Атанасов
Срѓан Крстиќ - видео
Фросина Насковиќ - фото