• недела, 21 април 2024

Одбележување на светските денови на контрацепција и безбеден абортус, стапката на тинејџерска бременост речиси трипати повисока од просекот на ЕУ

Одбележување на светските денови на контрацепција и безбеден абортус, стапката на тинејџерска бременост речиси трипати повисока од просекот на ЕУ

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - По повод 26 септември - Светскиот ден на контрацепцијата и 28 септември - Светскиот ден на безбедниот абортус, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и ХЕРА денеска ќе одржат прес-конференција на која ќе се обратат претседателот на МАГО, Глигор Тофоски, програмската раководителка на ХЕРА, Весна Матевска и претседателката на комисијата за еднакви можности на општина Центар, Дрита Исени.

- Со оваа конференција за печат сакаме да го свртиме вниманието кон фактот дека значителен процент особено од момчињата на 15-годишна возраст веќе имале сексуално искуство, а заштитениот сексуален однос е пракса кај само 20 отсто од девојчињата и 62 проценти од момчињата меѓу албанското население, односно кај 64 отсто од момчињата и 52 проценти од девојчињата меѓу македонското население. Од младите парови до 29-годишна возраст, само 12,8 проценти користат модерно контрацептивно средство. Како последица, стапката на непланирана тинејџерска бременост е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија, се наведува во соопштението на ХЕРА.

И покрај овие алармантни податоци, како што додаваат оттаму, ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на позитивната листа на лекови.

- Од друга страна, во земјава не се регистрирани лековите за медикаментозниот абортус иако по неговото пилотирање на УГАК, оваа здравствена услуга многу почесто се бара во споредба со хируршкиот абортус. Конечно, преку Превентивната програма за мајки и деца се обезбедуваат буџети за бесплатна модерна контрацепција и за набавка на лекови за медикаментозен абортус, но, ниту едниот, ниту другиот, не се доволни за да се постигне зацртаното, односно да се задоволат потребите за семејно планирање на жените, кои живеат надвор од Скопје и да се набават доволно количини на лековите за медикаментозен абортус, се појаснува во соопштението. бд/бак/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан