• понеделник, 23 декември 2024

Локалните власти од Лезбос бараат да почне од нула дијалогот со Владата за затворените центри

Локалните власти од Лезбос бараат да почне од нула дијалогот со Владата за затворените центри
Атина, 21 февруари 2020 (МИА) - Ќе разговарам со министерот за миграција и ќе му кажам дека ние сме отворени за дијалог, но дијалогот да започне од почеток, од нула, бидејќи и ние имаме да доставиме некои конкретни предлози и затоа го очекуваме да дојде на Лезбос во петок или сабота, рече префектот на островите од северниот дел на Егејското море, Костас Муѕурис, по синоќешниот регионален совет за последните несогласувања на релација Влада- локални власти, јави дописничката на МИА од Атина. - Ние не го прекинавме дијалогот, мојот телефон е отворен и за владата и за министерот да разговараме, но дијалогот да започне од нула, рече Муѕурис. Префектот ги повтори и позициите, односно одлуките на регионалниот совет, да се затворат постоечките центри, да не се градат нови и веднаш да се префрлат дел од бегалците и мигрантите во други делови на Грција. Паралелно, дел од медиумите од Лезбос, објавија сценарио кое наводно се разгледува во изминатите денови, а според кое, предлогот што се разгледува за нова локација за затворен центар за бегалците и мигрантите е ненаселениот мал остров Токмакиа што се наоѓа во близина на Лезбос. Сепак, за оваа информација не постои никаков официјален и јавно изнесен став, ниту од Владата, ниту од локалните власти. Дијалогот меѓу грчката Влада и локалните власти беше прекинат откако немаше поклопување на ставовите во однос на затворените центри на островите за кои Владата тврди дека ќе започнат да се градат, доколку не добие алтернативни предлози од општините и периферијата. ср/

Остани поврзан