• четврток, 21 ноември 2024

Локалната власт во Куманово планира да го продолжи бесплатниот превоз до крајот на годината

Локалната власт во Куманово планира да го продолжи бесплатниот превоз до крајот на годината

Куманово, 22 септември 2023 (МИА) - Локалната власт планира да ја измени одлуката за користење на субвенциониран градски превоз во Куманово и да го продолжи бесплатниот превоз до крајот на годината, соопштија денеска надлежните.

На наредната седница на Советот, советниците ќе ја разгледаат предлог-одлуката за измена на одлуката за субвенционирање на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово.

Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, изјави дека очекува советницата да ја поддржат одлуката, бидејќи е во интерес на граѓаните.

- Очекувам поддршка од советниците. Граѓаните се крајни корисници и ќе имаат бенефит, бидејќи се засегнати од зголемување на цените.Општина Куманово одлучи да издвои дополнителни средства од буџетот за период уште од три месеци заклучно до крајот на годината, изјави Ѓорѓиевска.

Таа вели дека освен економскиот бенефит што го остваруваат жителите, се развива и свеста и кумановци стекнуваат навика за важноста од користењето автобуски превоз.

Советот на Општина Куманово го уредува општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово со донесување на одлука за уредување на општински линиски превоз на патници на подрачјето на општината со која е утврдена единствена мрежа на линии и вршителите на општински линиски превоз на патници имаат добиено дозвола за вршење на превоз.

- Во услови на економска и енергетска криза од која произлезе покачувањето на цената на нафтата и нафтените деривати со која сè уште се соочуваат вршителите на општински линиски превоз на патници на подрачјето Куманово и за кое претходно во неколку наврати се обратија до Општината е донесена одлуката за субвенционирање на општински линиски превоз на патници и одлуката за субвенционирање на линиски превоз на патници за линии утврдени со спогодба за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане кои според досегашните анализи се покажаа како оправдани мерки, велат од општината.

Според општината, крајни корисници на јавен превоз се граѓаните кои се најзасегнати од ново зголемување на цените, и како што наведуваат, кај нив има голем интерес за субвенционирањето на превозот, како и за линиски превоз на патници за линии утврдени со спогодбата за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане.

Од општината наведуваат дека на овој начин се ублажува економската криза за сите учесници во општинскиот линиски превоз и произлегле повеќе бенефити како што е подобрување на семејниот буџет на кумановци и намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.ам/ар

 Фото: МИА архива и Општина Куманово

Остани поврзан