• петок, 22 ноември 2024

Лога: Ќе стигнеме до 40 канцеларии за бесплатна правна помош во државата

Лога: Ќе стигнеме до 40 канцеларии за бесплатна правна помош во државата

Гевгелија, 28 јули 2023 (МИА) - Ние од 34 канцеларии за бесплатна правна помош низ државата ќе стигнеме до најмалку 40. Веќе имаме материјали и кампања и на социјалните мрежи и јутјуб каналот, а исто така сите ќе ги има на националните телевизии, портали и другите медиуми, рече министерот за правда, Кренар Лога, на денешната промоција во Гевгелија за подигнување на свесноста кај граѓаните за постоењето на бесплатната правна помош.

Додаде дека благодарение и на Советот на Европа оваа кампања веќе ги дава првите резултати.

-Знаете сите луѓе не можат да стигнат до правото заради финансиски проблеми, така што со оваа алатка преку Министерството тие што ја немаат таа можност ќе можат да ја добијат оваа услуга и ги повикувам сите граѓани во нашите канцеларии низ сите градови во државата и ова што го имаме ние како pravnapomos.mk ќе ја добиваат оваа услуга. Таму ги има и сите други податоци од телефонски број, адреси и други потребни работи.Верувам дека луѓето полека, полека ќе ги добиваат и информациите и услугите од страна на Министерството во секој град и населено место во државата, подвлече министерот Лога.

Според Ирена Цуцулоска од Советот на Европа, преку поставените штандови граѓаните можат да се информираат за бесплатната правна помош.

-Исто така, може да поставуваат прашања до нашите консултанти коишто се тука присутни и на лице место да добијат правен совет или некоја правна информација, како и да добијат печатени материјали на лесно разбирлив јазик каде што можат подетално да се информираат за оваа услуга, рече Цуцулоска.

Вакви настани се организираат во повеќе градови во државата во соработка со Министерството за правда и во соработка со Националното координативно тело за бесплатна правна помош што ги вклучува подрачните одделенија на Министерството за правда, Здруженијата овластени за давање бесплатна правна помош и правните клиники.

Настанот е организиран во рамките на проектот за консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош којшто е дел од хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција, кофинансиран од ЕУ и Советот на Европа, а имплементиран од страна на Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје во соработка со Министерството за правда.

По Гевгелија промоцијата на бесплатната правна помош се одржа и во Валандово, а министерот Кренар Лога оствари средба со градоначалниците на Гевгелија и Валандово, Андон Сарамандов и Перо Костадинов и ги посети Подрачните единици на Министерството за правда.

Инаку, лани околу 6.000 граѓани добиле бесплатна примарна правна помош, додека пак секундарна правна помош била одобрена во 231 предмети. Според официјалните статистики, најголем број од случаевите на бесплатна правна помош се однесувале на предмети поврзани со сопственички права, развод на брак, домашно насилство и заштита на деца. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан