Лога: Денеска ќе биде пуштено барањето за екстрадација на Љупчо Палевски
- Барањето за екстрадација на Љупчо Палевски – Палчо ќе биде пуштено денеска и преку електронска пошта и преку нашата амбасада и верувам дека после добивање на нашето барање ќе контактираме директно и со министерот за правда на Турција, изјави министерот за правда, Кренар Лога.
Скопје, 7 декември 2023 (МИА) – Барањето за екстрадација на Љупчо Палевски – Палчо ќе биде пуштено денеска и преку електронска пошта и преку нашата Амбасада и верувам дека после добивање на нашето барање, ќе контактираме директно и со министерот за правда на Турција, изјави министерот за правда, Кренар Лога.
Во изјава за медиумите пред панел-дискусијата за корупција во високото образование, Лога истакна дека верува дека ќе добиеме позитивен одговор за кратко време.
- Турција е стратешки партнер на Македонија за многу други побитни прашања од ова. Јас верувам дека за релативно кратко време ќе добиеме позитивен одговор и осомничениот ќе биде меѓу нас, рече министерот.
Во однос на временската рамка, тој посочи дека е неизвесно, бидејќи, како што рече, не знае колку осомничениот ќе ги искористи правните механизми да се жали.
Барањето за екстрадација што министерот за правда го потпиша вчера доаѓа по апсењето во Турција на првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Меѓународната потерница по него беше издадена на 4 декември, а аспењето се случи утредента.
Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во истрагата на Јавното обвинителство се опфатени уште четири лица, односно соизвршителите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината.
Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого Обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата. ар/бак/
Фото: МИА