• петок, 05 декември 2025

Ловечкото здружение „Осогово“ од Кочани повторно е во владение на два ловни терени

Ловечкото здружение „Осогово“ од Кочани повторно е во владение на два ловни терени

Кочани, 8 август 2025 (МИА) - Ловечкото здружение „Осогово“ доби назад два ловни терени во владение после повеќе од две децении откако денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, им ги врачи договорите на ловците, на средбата што се одржа во стариот Ловен дом во Кочани.

-После дванаесет месеци поминати во низа измени на закони и подзаконски акти во соработка со Ловечката федерација и со друштвата, дојдовме до сосотојба Ловечкото здружение „Осогово“ повторно да биде владател на два ловни терени. Најпрвин, друштвото терените ќе ги користи за одгледување и заштита на дивечот, што е основен услов, подоцна, во законска постапка, ќе дојде до финална додела на овие две ловиштата на користење во период од дваесет години, рече министерот Трипуновски.

Ова е важно, нагласи тој, затоа што со измените на Законот за ловство, предност при распределбата на ловиштата имаат оние што се актуелни корисници, односно оние што имаат вакви договори за одгледување и заштита.

Според Министерот Трипуновски, ова значи исправање на неправдата што се случила години наназад.

-Практично, законски се елиминира секоја нелојална конкуренција што ќе влезе во процесот на распределбата на ловиштата. Можам да кажам дека овде во Кочани гледам луѓе со елан за работа, луѓе што ќе го вратат ловот како традиција и култура, во која, таа посебна категорија на луѓе, спортските ловци, ќе можат да уживаат, подвлече Трипуновски.

Ловечкото здружение „Осогово“ од Кочани е едно од најстарите во државата. Постои повеќе од сто години. Во своја сопственост го има Ловниот дом кој е во многу лоша состојба. Трипуновски на ловците им порача дека ќе направи се што може овој објект да се врати во пристојна состојба и дека Министерството за земјоделство секогаш ќе биде на страната на вистинските ловци. ис/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан