• недела, 07 јули 2024

„Лице в лице“ и „Кометал ЃП“ ги слават своите јубилеи со инклузивен спортски натпревар

„Лице в лице“ и „Кометал ЃП“ ги слават своите јубилеи со инклузивен спортски натпревар
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Десетгодишнината од излегувањето на првиот број на „Лице в лице“ и дваесетгодишнината од освојувањето на престижната Лига на шампиони на ракометниот клуб „Кометал ЃП“ ќе биде одбележана денеска во големата спортска сала на Основното училиште „11 Октомври“ со инклузивен спортски натпревар. - Ова воедно е и одбележување на победата на „Кометал ЃП“ во 2002 година над унгарскиот „Херц Ференцварош“ во финале, освојувајќи ја престижната Лига на шампиони. Одлуката за овој симболичен меч е резултат на заложбите кои Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ ги прави изминатата деценија, а имаат заеднички предзнак и со дејствувањата на спортските тимови, односно со постигнувањето на нивните цели, истакнаа од тимот на „Лице в лице“. Оттаму посочија дека спортот нема само натпреварувачка улога и цел, туку ни покажува како се доаѓа до резултатите - само со посветеност, трпение, издржливост, знаење, тимска игра, верба, емпатија, еднаквост, создавање мостови.. - Промената на резултатот, особено во личниот развој, пред и потоа, подразбира многу работа на себе. Продавачите на „Лице в лице“ сите изминати години се првата асоцијација за успешни примери на наши сограѓани кои од ранлива состојба стануваат личности кои што одлично се интегрираат во општеството,  велат од „Лице в лице“, истакнувајчи дека затоа и овој натпревар има за цел да ја пренесе пораката дека секој добар резултат, е последица на многу работа, верување и активно дејствување. Климентина Илијевски, извршна директорка и главна уредничка на списанието потенцираше дека и првиот број на „Лице в лице“ ја донело истата порака во тогашниот воведник, како и денешниот натпевар – „Да победуваш, не значи само да бидеш прв во нешто. Да победуваш значи да менуваш“. - Во изминативе десет години така делуваше и „Лице в лице“. Опстана во непредвидливи околности, со многу труд, посветеност, љубов и доволна доза на тврдоглавост. Но, во меѓувреме научивме лекции. Научивме дека за партнерство се потребни минимум двајца. Не би успеале без бизнисите со сенс, тие ни беа потребни. Но знаете што? Научивме и дека и ние ним им требаме. Па дури и на семоќните институции. И тоа сè повеќе. Затоа што полека се буди една нова свест кај граѓанинот. Свест слична на таа на спортист, дека гол што може да те направи шампион, е најсладок кога се постигнува преку многу подавања на топката - рече таа. см/мд/

Остани поврзан